СМС порака од 27 април: Сите членови пред Собрание, сега е моментот

1017
ФОТО: EPA/MAJA ZLATEVSKA

Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за 27 април со читање на нови пораки, овој пат од телефонот на Сашко Коцевски. Тој беше и еден од сведоците во овој судски процес по предлог на обвинителството.

Станува збор за вработен во Собранието, самостоен референт во системот за електронско гласање и мониторинг. Кога тој сведочеше во судница кажа дека до 20 март лани и самиот бил учесник во протестите на иницијативата „За заедничка Македонија” и дека како учесник добивал насоки од општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ за активностите против тиранската платформа.

Пораки извадени од вештачењето на неговиот телефонот денеска се читаа во судница. Прво се читаа смс пораките со извесна Весна Герговска која праќала известувања и инструкции за протестите кои тогаш се организираа „За заедничка Македонија“.

,,Јавете се по список и на пасивни и на активни за утре да излезат”, е првата порака која Герговска му ја пратила на Коцевски на 12 март лани.

Од пораките се виде и дека за протестите партијата ја злоупотребувала локалната власт преку градскиот транспорт и паркинзите.

,,Во автобусите на ЈСП за време на протестите од 16 часот до 19 часот, нема да има контроли, можете да се возите без билет. Исто така, и градскиот паркинг (само паркинзите на Град Скопје) тоа време нема да има контроли, можете слободно да се паркирате”, гласи една од пораките која ја добил Коцевски наредните денови.

Имало и притисоци од партијата врз вработените во администрацијата и кандидатите за советници.

Така во една од пораките, која Коцевски ја добил на 20 март Герговска му испраќа порака со содржина:

,,Утре 21.03.2017 во 16.40ч пред музејот на ВМРО советниците и кандидатите за советници да донесат по десет луѓе, вработените во училиштата и градинките, сите членови на тимовите и цела администрација да бидат присутни”. Меѓу пораките имаше и такви во кои Герговска предупредува дека ќе има потпишување на присутните и оти списокот ќе оди во централен“.

За поголема излезноста таа испраќа пораки и пред доаѓањето на Туск во почетокот на април лани.

Во пораките во текот на април таа пишува и дека поради ситуацијата потребни се луѓе за тимови кои ќе бидат мобилни 24/7.

Кога станува збор за пораките на 27 април во првата Герговска известува дека се продолжува со протестот.

Во втората, пратена во 13.18 часот таа му пишува на Коцеваки: ,,Да бидеме на готовс во 14ч Заев ќе имал прес конференција”.

Две минути подоцна тој добил уште една порака со содржина: ,,Ве молам лицата за интервентни ситуации и сите други што можете известате ги да бидат на готовс. Во секој момент можеме да дадеме насоки”.

За една минута во 13.21 часот на 27 април Герговска испраќа уште една порака:

,,Денес исто 16.30 часот се чекаме пред Музеј на ВМРО. Ве молам за масовност. Составот на МК во целост ЗАДОЛЖОТЕЛНО да бидат присутни”. Последната порака од ова лице до Коцевски е испратена во моментите пред упадот во Собрание односно во 18.05 часот со содржина: ,,Сите членови да доаѓаат пред Собрание. Сега е моментот. Доаѓајте сите”.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...