Директорите на ученичките и студентските домови бараат поголема партиципација

87

Здружението на директори на ученичките и студентските домови во Република Македонија бара зголемување на партиципацијата за ученик, односно студент, што ја добива од државата.

Од Здружението иформираат дека на вчерашната средба меѓу Здружението на директори на ученичките и студентските домови, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, и заменик министерот, Петар Атанасов, е разговарано за проблемите во  ученичките и студентските домови со фокус за можностите за корекција на средствата што ги уплаќа државата.

-За 16 години партиципацијата од Министерството за образование и наука претрпе само една измена со зголемување за 10 отсто. Оваа сума ни одблиску не ги покрива  трошоците околу сместувањето на учениците и студентите, режиските трошоци и исхраната за учениците и студентите, особено по одлуката на Влада за задолжително средно образование, со што се отежна буџетот на студентските и средношколските домови. Станува збор за 26 домови, 18 ученички и осум студентски домови – се наведува во соопштението.

Дополнително, Здружението на директори на ученичките и студентските домови бара партиципацијата да се плаќа 12 месеци од причина што тековните трошоци и плати за вработените се реализираат во текот на целата година.

Оттаму истакнуваат дека работат на подобрување на условите во домовите, но оти затекнатите состојби сепак се на незадоволително ниво, па наместо за нови инвестиции се исплаќаат долгови. – Наша цел, додаваат, е учениците и студентите да имаат соодветни услови за стекнување на своето образование.

На средбата присуствуваа и претставници од кабинетите на премиерот на РМ, Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...