Реконструкција на бегството на Никола Груевски

Сите официјални и неофицијални верзии за настаните поврзани со бегството на Никола Груевски чинат еден симулакрум, чие постоење веројатно е нужно за да се прикрие тажната реалност. Ова е скромен обид сите информации и полуинформации да се обединат во една хиперреална приказна. Уживајте во неа и не прашувајте за вистината. Зашто, можете да паднете во искушение да помислите дека вистината, едноставно, не постои.

13873

Почитувани читатели, ова е приказна за бегството на Никола Груевски, поранешен премиер на Република Македонија, правосилно осуден на двегодишна затворска казна. Веродостојноста на мојата реконструкција на настаните, која се темели на доверливи извештаи на нашите тајни известувачи од Скопје, Софија, Белград, Тирана и Будимпешта, е еднаква на симулакрумот што деновиве ни се прикажува и се склопува како една хиперреална (официјална) верзија на ова историско бегство.

Клопчето на оваа приказна почнува да се одмотува уште во петокот на 9 ноември, во 21.30 часот, кога Никола Груевски му се јавува на лицето Оливер Спасовски, преправено во министер за внатрешни работи на Република Македонија. Н.Г. од О.С. бара луѓето од личното обезбедување на поранешниот премиер да се појават пред неговиот дом следниот ден (сабота, 10 ноември), околу 9 часот. Спасовски се спротивставува на ваквото чудно барање:

– Господине Груевски, вие сигурно знаете дека веќе е викенд и дека судовите и државната администрација не работат. Не сметате ли дека и полицајците кои секојднево ги ризикуваат своите животи, штитејќи ве вас и вашето семејство, заслужуваат еден слободен викенд?

– Не, не, министре, ве уверувам дека токму овој викенд обезбедувањето ми е неопходно, затоа што имам потреба од превоз, заради исполнување на некои лични обврски – лукаво инсистира поранешниот премиер.

Тајната средба во Подржикоњ

Откако лицето О.С. ќе ја проголта мамката и ќе се увери дека осуденикот Н.Г. е со намера викендот да го помине во друштво на своето обезбедување и дека нема план да се даде во бегство, поранешниот премиер итно го вади куферот со неопходните реквизити од модната линија „Халкидики“ и следејќи ги упатствата на легендарниот Сергеј Варошлија, вешто се преправа во атрактивна млада жена. Со возило од засега непозната такси компанија, тој се упатува кон Железничката станица, од каде што со претходно изваден лажен повратен билет, во 22.45 часот се качува на експресниот воз што сообраќа на линијата Скопје – Софија, по модерната пруга изградена уште во раните деведесетти, во времето на Црвенковски.

Точно во 00.15 минути на 10 ноември (сабота), Груевски ненадејно се симнува од возот, на железничката станица во строгиот центар на Подржикоњ, каде што остварува куса средба со непознато лице преправено во бугарскиот премиер Бојко Борисов, кое му предава тазе бугарски пасош.

– Бате Бојко, а што ќе каже господинот Заев за оваа работа? – прашува Груевски, искрено загрижен од опасноста инцидентот да ги влоши односите меѓу двете земји, кои секојдневно се подобруваат.

– Не се притесњавај, Николајчо. Ас ште му објаснам дека ова е регионална свирка и тој ште разбере – одговара лицето преправно во Б.Б., инаку агент на српската тајна служба.

Груевски, нормално, не знае дека бугарскиот пасош е лажен. За да се измами евентуалната потера од делови на македонските безбедносни служби кои не се известени за слободниот викенд, од Подржикоњ, со луксузно возило марка „запорожец Ц класа“, преку див граничен премин, на 11 ноември утрото (недела), кон Врање се упатува лице двојник на Никола Груевски. Целта е подоцна македонските истражувачки новинари да објават стории дека бившиот македонски премиер ја преминал српско-унгарската граница со логистичка поддршка на српскиот премиер Александар Вучиќ. Како што и ќе се случи. А што е ноторна лага, се разбира.

Емотивна разделба со Христијан

Со лажниот бугарски пасош в раце, за кој подоцна ќе разбере дека нема да му биде воопшто потребен (бидејќи сите граници понатаму тој ќе ги помине со лична карта), убеден дека Зоран Заев ќе мора да се помири со „свирката“ (како и повеќето од вас, почитувани читатели, изгубен во преводот, нашиот јунак и не знае што значи зборот „свирка“ на братскиот блгарски јазик), Н.Г. спокојно се враќа дома, со експресниот воз Софија – Скопје, кој на станицата во Подржикоњ ќе запре точно во 7 часот. Два часа подоцна, уморен но добро расположен, нашиот јунак ќе ги пречека обезбедувачите од Шестата управа.

Со задоцнување од вообичаените 40 минути, Н.Г. потоа ќе се упати во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде остварува последна средба со лицето Христијан Мицкоски и му вели:

– Брате Христијан, јас наскоро ја напуштам Македонија и заминувам во Будимпешта, каде што ќе побарам политички азил и ќе формирам задграничен комитет. Те молам оваа информација да ја чуваш во најстрога тајност. Партијата ја оставам во твои раце.

– Ах, претседателе – крикнува трогнатиот Мицкоски, клекнува на колена и вели: – А кој сум јас да ми ја оставате партијата?

– Стани Христијане и не цмиздри. Ти ја оставам тебе, оти никој друг не ја сака. Парите не ви ги оставам, ќе ги чувам за Македонија. Кога ќе исчезнам, на Миле и на Горде кажи им веднаш да ја осудат мојата постапка и ако можат да се спасат. А на другите порачај им – кој ве ебе!

Нормално, Никола Груевски не знае дека човекот со кој разговара е агент на германската тајна служба, преправен во Мицкоски. Неговата задача е за намерите на осуденикот Н.Г. веднаш да го извести Александар Чомовски од 1ТВ, со цел тој и мобилна телевизиска екипа веднаш да се упатат во Будимпешта, за да известуваат ексклузивно за развојот на ситуацијата. Како што им личи на медиумски лидери, нормално.

Драма во авионот на „Малев“

Остатокот од викендот (сабота попладне и недела цел ден), Груевски ги минува во кругот на семејството. Во понеделникот на 12 ноември, во 03.00 часот, со возило на унгарската амбасадата од Тирана со дипломатски таблички и со специјално обучен возач (за кој бегалецот, нормално, не знае дека е агент на грчката тајна служба), Груевски се упатува по новоизградениот автопат Скопје – Охрид – крак Ќафасан, со намера да ја напушти Македонија. Попатно, возилото застанува во „Мекиците на стража“, каде што Груевски од тоалетот го презема однапред подготвениот личен багаж и се пресоблекува во син костум (машки), луксузни темни очила и загадочна портокалова шапка, со надеж дека Сергеј ќе го одобри стајлингот.

Во 04.45 минути, Н.Г. без задржување го минува граничниот премин Ќафасан. Точно во 06.15 часот, осуденикот веќе се наоѓа во бизнис класата на авион на компанијата „Малев“, на летот БП 6996. По долгата ноќ, веднаш го совладува мемлива дремка. Авионот полетува точно на време. Осуденикот сонува кошмарен сон, како Катица Јанева му врзува лисици на рацете. Ги симнува темните очила и пред себе здогледува полничка стјуардеса, во кошула од црна чипка, со масивен гердан околу вратот, како милно го гледа и цврсто го држи за рацете. На Груевски гулашот му се смрзнува во пределот на долниот дел од пробавниот тракт. Стјуардесата строго му вели:

– Господине Груевски, вие не сте политичар и немате право да барате политички азил!

Како тоа не сум политичар? Кој вели дека немам право на политички азил? Која е оваа жена? Н.Г. крикнува и вџашено се обѕрнува околу себе. Веднаш забележува дека е сам во авионот. Покрај полничката, во кабината само уште две симпатични стјуардеси, двете налик на преостанатите две од нашите познати три грации.

– Вие, вие… Ти си Катица? Ова се Ленче и Фатиме? Вие сте преправени во стјуардеси? Каде се другите патници? Има ли пилот во авионот? Кој сум јас?

Соко зове орао…


Во 06.30 часот Никола Груевски чувствува студена вода на образите и конечно се буди од кошмарниот сон. Љубезна госпоѓа го гледа загрижено и на чуден англиски јазик со силен унгарски акцент, му објаснува:

– Господине Груевски, смирете се. Вам не ви е добро. Вие зборувавте во бунило. Ова не е авион. Компанијата „Малев“ одамна не постои. Вие се наоѓате во унгарската амбасада во Тирана. Ние не сме стјуардеси, туку персоналот на амбасадата што ќе ви помогне да ја пополните апликацијата за азил. За петнаесеттина минути со вас по телефон ќе разговара и господинот Вучиќ. Ако немате ништо против…

Во 06.45, Груевски, сега веќе во топ форма, е на сателитска телефонска врска со Александар Вучиќ.

– Соко зове орао, соко зове орао… Како си, брате Никола? – прашува Вучиќ.

– Ма осеќам се као да сам копао, а не као да сам орао – одговара Груевски и му раскажува на Вучиќ за кошмарниот сон за авонот на „Малев“.

– Морало је овако, пријатељу мој, морало је преко Тиране. А то са авионом и није лоша идеја. То ќе сутра „Политика“ ексклузивно да објави – му вели Вучиќ.

Со Оливер во Црна Гора во ист ден!

Немам прецизни податоци кога точно Груевски, со возилото на унгарската амбасада од Тирана, се упатува кон граничниот премин Хани Хоти и влегува во Црна Гора. Веројатно во раните вечерни часови во понеделникот на 12 ноември. Иако уморен и исцрпен, осуденикот Н.Г. го продолжува патувањето низ Црна Гора во непозната насока и на засега непознато место, влегува во Србија.

Но, пред тоа, на Н.Г. неочекувано по телефон му се јавува лицето Оливер Спасовски, пак преправено во министер за внатрешни работи на Република Македонија. Истиот ден – каква коинциденција! – О.С. е во работна посета на Црна Гора, каде што учествува на некаков форум за Западен Балкан.

– Па добро, Никола, не се договоривме вака. И сега, што е следно? – прашува Спасовски.

– Извини Оливер, ама морално беше. Гледај утре „После ручка“ и ќе ти стане јасно што е следно.

– А што ти е тоа „После ручка“?

– Ручка од тупан, абдал еден! – вели Груевски и низ прозорецот го фрла мобилниот телефон, за да избегне натамошно електронско следење.

Чом, гаси го светлото!

Последната дестинација пред влезот на Никола Груевски во Унгарија, околу 5 часот утрото на 13 ноември (вторник), е граничниот премин Хоргош. „После ручка“ е телевизиска емисија, во која некогашниот хашки затвореник Војислав Шешељ објаснува како братот Груевски е придружуван и обезбедуван до унгарската граница од српски четници.

– Помоз бог, браќо четници! – ги поздравува Н.Г. своите стари пријатели.

– Бог ти помого, јуначе! – одговараат четниците на разделба.

Во Будимпешта, во хотелот „Форинтија“ (за оваа прилика специјално преправен во „Коринтија“), Никола Груевски ќе стаса околу 9 часот и веднаш ќе се соочи со камерата на 1ТВ и со спомнатиот Чомовски. Снимениот материјал не е објавен од безбедносни причини, но дознаваме дека Чомовски ја изговара својата прочуена реплика:

– Господине Груевски, да ги изгасам ли сега светлата во Белиот дворец во Скопје?!

– Гаси Чом, од денеска немам партија – одговара Груевски. – Туку, можеш ли малку да ми го позајмиш мобилниот?

И токму тогаш и таму, на влезот на хотелот, од мобилниот на Чом, Н.Г. го пишува својот прочуен пост на Фејсбук, со кој ќе објави дека е во Будимпешта. Тој пост, објавен на 13 ноември, ќе освои повеќе од 12.000 лајкови и ќе ја фрли владата на Зоран Заев во очај. Затоа, пред да се подготви барањето за екстрадиција на Груевски, владата, како што неофицијално дознавам, писмено ќе се обрати до Марк Закерберг, газдата на Фејсбук, со барање тој да спроведе интерна истрага за случајот на освојување енормен број лајкови на еден пост. Ова со оглед на веќе утврдениот факт дека Фејсбук засега е единствената институција со докажана вина за скандалот со бегството на Груевски.

И ете… Засега, тоа е тоа. Нови информации за бегството стасуваат од час во час. Нашите тајни известувачи испраќаат извештаи според кои Груевски можеби сѐ уште се наоѓа во Тирана, дека се подготвува за пат во Грција (Халкидики?), дека би можел да замине за Турција… Да бидам искрен, дури и јас имам некакво глупаво чувство дека ништо од сево ова што ви го надробив не е точно и дека ако случајно скокнам во другиот влез на мојата зграда и ако тропнам на неговата врата, ќе ми отвори комшијата Никола лично. И дека потоа ќе мора да си го поставам најстрашното прашање – кој ја напиша оваа приказна, јас или некој што се преправа дека е Бранко Героски?

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...