Голема е заинтересираноста на скопјани за заштита против сезонски грип, па веќе е при крај и втората пратка од набавените 1.500 вакцини, кои се наплатуваат по 650 денари. Првата пратка од 4.000 дози беше потрошена за само три-четири дена уште во почетокот на месецов.
– Едвај 400 дози останаа од втората пратка што почнавме да ја трошиме во понеделникот. Освен постарите, се имунизираат и помлади лица на околу 30-годишнма возраст, но и деца со хронични белодробни заболувања. А од бесплатните вакцини за пензионери има доволно и нив ги даваме со закажување на „Мој термин“. Погодува тоа што и времето почна да заладува, што влијае да се намали и ширењето на вирусите, па состојбата со грипот не е алармантна. Иако со вакцинација почнавме во ноември, има доволно време за организмот да стекне имунитет, бидејќи за тоа треба да поминат 15-ина дена. Досега се пријавени и малку заболени од грип – во Скопје, на пример, во минатата недела имаше само 12 случаи – објаснува д-р Биљана Даниловска, раководителка на одделението за епидемиологија во Центарот за јавно здравје.
Таа нагласува дека со оглед на глобалното затоплување и климатските промени, грипот е присутен речиси во текот на целата година.
– Точно е дека порано од ноември до април беше сезона на грипот, но сега, поради тоа што е изменета дистрибуција на микробната био-маса, случаи на грип се пријавуваат цела година и во мај, јуни, освен во лето. А вакцини против грип ни бараат и граѓаните кои патуваат во САД, бидејќи за да добијат виза им бараат и сертификат дека ја примиле и оваа вакцина – додава д-р Даниловска.
Скопскиот Центар за јавно здравје не располага со пнеумовакс – вакцина која заштитува од белодробни заболувања, бидејќи никој од добавувачите не се јавил на огласот за јавна набавка.