Ги бркаат од дома бидејќи не разбираат што значи да се биде ЛГБТИ

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација сè уште не е усвоен, Кривичниот законик не ги препознава делата и говорот од омраза врз ЛГБТИ луѓето, а не постои никаква законска рамка за правно признавање на родот.

919

Млади од Македонија направија сајт на кој може припадници на ЛГБТИ заедницата да го опишат најстрашниот момент, кога ја тргнале маската пред најблиските и се прикажале во вистинско светло. За тоа разговаравме со Стефан Петровски, програмски координатор и соработник за комуникации во Субверзивен фронт.

Како дојдовте до оваа идеја да направите веб страница каде што луѓето ќе можат да го опишат моментот кога се откриле пред своите најблиски?

– Идејата всушност доаѓа од Србија и од нашата соработка со група активистки кои ја формираа нивната веб страница „аутуј се“. Бидејќи соработуваме често, имав разговор со една од основачките на српската кампања дека вакво нешто недостига на целиот Балкан. После тој разговор следеше идејата „а зошто да не го прошириме во Македонија за почеток?“ Од тука произлезе работа од неколку месеци и конечно неделава ја започнавме кампањата во Македонија. Идејата всушност и произлезе од немањето на онлајн простор каде ЛГБТИ лицата ќе споделат свои искуства низ приказни за тоа како тие се прифатиле самите себе си, со околината, или пак од перспективата на сојузници – односно како цис и хетеро лицата ги прифаќаат нивните ЛГБТИ пријатели, деца, роднини, колеги, и слично. Од таа страна сфативме дека давањето глас на овие приказни ќе им овозможи на многу луѓе да прочитаат за други перспективи и искуства кои се поблиски до дома и до климата во која живеат ЛГБТИ луѓето тука, наспроти приказните од далечниот запад кои за многу луѓе не се релевантни во Македонија.

Дали веќе почнаа да ви праќаат лични искуства младите на интернет? Ако да, може ли да го знаеме бројот?

– Во моментот имаме неколку приказни кои чекаат објавување и неколку кои се во процес на пишување. Лицата ни јавуваат преку е-пошта или преку контакт од пријатели за ваквата можност да споделат нешто што ќе им даде ним слобода – а со надеж – храброст на некој/а друг/а да го стори истото.

Која е најемотивната приказна што сте ја слушнале во врска со темава? Онаа која најмногу ве заболела или израдувала?

– Најемотивната приказна до сега беше од еден колега од Црна Гора. Истиот е транс маж, приказната не само што ме остави без зборови туку ми предизвика солзи во очите. Најчесто луѓето велат дека болката е одличен извор на инспирација и длабочина во тоа што го пишуваме. Мислам дека беше направено совршено за да може читателот да проживее, барем за минута, тоа што некој го живее цел живот и им станало секојдневие. Ваквите приказни мислам дека можат да придонесат многу бидејќи развиваат емпатија и големо разбирање кај читателите за тоа какво е секојдневието на малцинствата кои живеат сосема друг живот од општото население.

Од што најмногу се плашат луѓето да кажат дека се поинакви?

– Најчесто од насилство и исмејување. Сето тоа произлегува од улогите кои општеството ни ги доделува од рана возраст уште пред нашето созревање за да би можеле да речеме која е нашата сексуална ориентација и/или родов идентитет. За многу деца тоа е голем проблем во развивањето бидејќи родителите кажуваат од рани години дека ако сме машки ќе имаме многу девојки и дека денот кога ќе формираме семејство ќе биде прекрасен за нив. Од рани години се избегнуваат овие теми и децата раснат во средини во кои ако се момчиња мора да бркаат девојки, ако се девојки мора да чекаат дечкото да ги покани на кафе средба. Разговорот за секс и изразувањето емоции се третира како срамно нешто и децата се учат да ги потиснуваат чувствата внатре. Срамот е најмоќниот камшик кој општеството го има за да нè обезмоќи и да нè направи да се срамиме од самите чувства кои едноставно не можеме да ги немаме. Така кажано, стравот за аутирање всушност и произлегува од сите овие комплексни мешавини при созревањето и остануваат со многу луѓе низ целиот живот. Но затоа се надеваме дека со оваа кампања ќе можеме да споделиме приказни во кои многу луѓе ќе се пронајдат. Односно за тоа како самите ги прекршиле правилата кои им биле препишани од рана возраст и започнале да ја живеат вистината која биле учени да ја третираат како фаза, определба или чист избор. Реалноста е таа, но треба да се научи дека родовиот идентитет, сексуалната ориентација се фиксни и не се избор, определба или фаза. Единствениот избор е дали ќе избереме да си ја живееме реалноста или лагата која другите сакаат да ја слушнат од нас.

Дали се овие лица дискриминирани во нашата земја? Ако да, што треба да се поправи? Како се дискриминирани, на кој начин?

– Да, многу од овие лица живеат живот во затворен круг на луѓе кои знаат за нив, некогаш и круг без луѓе. Дискриминацијата ја има насекаде, во училиштата од страна на врсниците и професорите, на работните места од страна на колегите или работодавачите, дома од страна на родителите и блиската околина, здравствениот систем, а особено во правниот. ЛГБТИ лицата како такви немаат основни права за да стојат еднакви пред неправедностите. Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација сè уште не е усвоен, Кривичниот законик не ги препознава делата и говорот од омраза врз ЛГБТИ луѓето, а не постои никаква законска рамка за правно признавање на родот. Политичарите трудејќи се од сопствена желба, или од барањата на ЕУ-интеграциите се обидуваат да придонесат кон наше подобро утре, но овие обиди не се доволни. Општеството треба да започне повеќе да ја прифаќа сексуалната и родовата различност и да го кажува тоа јасно и гласно. Не е доволно само заедницата како таква да порасне и да доживее видливост и еднаквост. За луѓето еден ден да се чувствуваат безбедни да зборуваат отворено за сопствената сексуална ориентација и/или родов идентитет, мора лицата кои не се ЛГБТИ да изразат јасна и отворена поддршка за заедницата. На крајот тие се тие од кои ЛГБТИ луѓето најмногу доживуваат дискриминација, говор на омраза и криминали од омраза.

Очекувате ли некакви законски измени за подобрување на правата на овие луѓе во Македонија и што конкретно очекувате и кога?

– Очекуваме многу промени. Имено, Законот за спречување и заштита од дискриминација е на право место според мене. Истиот по донесување ќе ни отвори врати потесно да соработуваме со полицијата, обвинителите и судиите, за тие да може да препознаваат, превенираат, но и санкционираат дискриминација. Очекувањето е секогаш истите закони да се усвојат што порано, бидејќи ваквите неправедности се случуваат секојдневно. Што поскоро стапат на сила, тие ќе дадат можност за работа на заштитата и потоа превенција на многу напади. Главно, силата на напаѓачите и тие што вршат дискриминација доаѓа поради немањето заштита на жртвите.

Што треба да се стори за семејствата и околината да почнат поинаку да гледаат на различните од нив?

– Треба да се гледа кон темата со отвореност. Нормално е да се прашуваме сите за тоа кога ќе се случи, но важно е да сме тука за нашите најдраги и да ги сослушаме како прво, а потоа и поддржиме. Идејата за формирање слика за тоа како сакаме другите да изгледаат и нашето дознавање дека нашите очекувања нема да се исполнат е разочарувачки, да. Но, тука треба да се понуди емпатија и разбирање наспроти себичност другите да бидат тоа што ние сакаме да бидат. Доколку секој од нас споделува дека хомосексуалноста, бисексуалноста, трансродовоста и слично се океј со нас и треба да бидат океј за сите, тогаш на луѓето околу нас кои ги доживуваат нашите ставови како пријателски и сојузнички, ќе им стане многу полесно да споделат за себе знаејќи дека нема да наидат на предрасуди и омраза од нас.

Што ќе им препорачате на сите оние кои се плашат да кажат дека се различни?

– Нека не се плашат, бидејќи не треба да го живееме животот плашејќи се од самите себе си. Никој не треба да го живее животот во страв од самиот себе. Доколку ви е потребен разговор со некој кој ве разбира и знае низ што поминувате можете да нè контактирате преку адресата poddrska@s-front.org.mk или бројот 077/733-688 и со задоволство ќе ви помогнеме да го започнете вашиот процес на аутирање. Доколку сте ЛГБТИ лице кое има пријатели, родители, или кој било што знаете дека има прифаќање и разбирање тогаш најтешкиот предизвик е токму таа прва личност на која ќе ѝ кажете. Сите идни аутирања потоа стануваат сè полесни и полесни.

Доколку не сте ЛГБТИ лице, споделувајте ги вашите ставови дека сте прифатлива и доверлива личност, дури и на тие во кои сте 100% сигурни дека не се ЛГБТИ. Никогаш всушност нема да можете да знаете колку една личност знае да се прикрие себе си од остатокот од светот – ова за родителите е особено значајно. Бидете видливи поддржувачи за себе и за другите околу вас, сè друго е процес кој се надеваме дека нашата платформа ќе ви го олесни. За крај ве покануваме да ги прочитате сегашните приказни на веб страницата autiraj.se, и да бидете во тек со идните или преку истата веб страница или преку нашата Фејсбук страница.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...