Најмалото дете од Велес со дијабетес има 2 години

Во тек е тендерската постапка за обезбедување на годишните количини на инсулинска терапија за болните и воведување три нови типови инсулин од најнова генерација, меѓу кои еден е за деца до 14 години

383

Најмалото дете од Велес со дијабетес кај кое пред 4 месеци е откриена болеста има само две години, а веќе имаме 11 деца кои се на инсулин. Се соочуваме со потешкотии и отпор кај дел од семејствата, особено оние каде болеста ја имаат најмалите. Неопходна е психолошка поддршка, бидејќи некои не сакаат да ја прифатат состојбата дека се зависни од инсулин и дека е важно редовно да се мери шеќерот во крвта – порача Димче Велев, претседател на Здружението Лолипоп од Велес на одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот – 14. ноември во Скопје. 

Велев нагласи дека се зголемува бројот на дијабетичари во Велес – таму досега се евидентирани 6.500 пациенти.

-Само лани имаше 650 новооткриени случаи, од кои 79 се веднаш ставени на инсулинска терапија. Очекуваме во најскоро време да се донесе национална програма за дијабетес со која ќе се подигне квалитетот на живот на овие лица – рече Велев.

Велес е само еден од градовите каде дијабетесот се шири во епидемиски размери, бидејќи и во Република Македонија се зголемува бројот на пациенти со ова заболување и тоа за 5 до шест отсто годишно! предупредија од Универзитетската Клиника за ендокринологија. 
– Од 120.000 пациенти со дијабетес, 40.000 примаат инсулинска терапија. На еден дијагностициран постои еден кој не е дијагностициран и не ни знае дека ја има болеста – рече денеска директорката на Клиниката, Саша Јовановска Мишевска. 
Според податоците, во 2015 година за пет проценти се зголемил бројот на заболени, а во 2017 година за шест проценти.

Таа предупреди дека секојдневно се соочени и со голем број компликации – на срцето и големите крвни садови, бубрезите, оштетување на видот – кои ги предизвикува  болеста.

– Наша основна стратешка определба е да помогнеме што порано да може да се открие дијабетесот, за навреме да почнеме со адекватна терапија, а со тоа, и да ги намалиме компликациите од болеста. Матичните лекари спроведуваат и систематски скрининг на лицата кои се во ризични категории (возраста, дебелината и недоволната физичка активност) да развијат дијабетес. Матичниот лекар на овие пациенти треба задолжително да ги упати на скрининг тест за откривање дијабетес – нагласи Јовановска Мишевска.

Државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев, ја истакна нивната целосна посветеност во обезбедувањето квалитетна инсулинска терапија за лекување на болните од дијабетес. Во тек е тендерската постапка за обезбедување на годишните количини на инсулинска терапија за болните и воведување три нови типови инсулин од најнова генерација, меѓу кои еден е за деца до 14 години, а тоа е Тресибата.

– Во Македонија 500 деца на возраст до 14 години се заболени од дијабетес. Следен чекор е обезбедувањето сензорни мерачи на шеќер во крвта што ќе помогне во контролата на гликемијата кај децата и кај бремените жени –  додаде Милошев.

Во врска со тоа со кои проблеми се соочуваат лицата со дијабетес, претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Бојан Киров, рече дека проблеми имало до летоска.

– Инсулинската криза заврши летоска и оттогаш нема недостиг. Добивме три нови инсулини со проверени сертификати од оригинаторните компании. Од јануари ќе почне испораката на нови апарати за мерење шеќер во крвта и нови ленти, па дијабетичарите ќе бидат сигурни во точноста на резултатите од мерењето.  Со новиот тендер за набавка на инсулин, кој е при крај, добивме ветување од Министерството за здравство дека дистрибутерите ќе бидат обврзани освен тековните месечни количини што треба да бидат дистрибуирани, во секое време да има еден месец резерва на сите видови инсулини – додаде Киров.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...