Стефанова: Никој не е недопирлив, СЈО ќе бара притвор за секој можен бегалец

1580

Миле Јанакиески и Кирил Божиновски планирале да избегаат на ист начин како Никола Груевски, за што СЈО добило информации во текот на вчерашниот ден, но детали околу планот за бегство обвинителката Лиле Стефанова не сакаше да открие пред јавноста.

– Тоа не можам да го споделам со јавноста. Информациите кои ги имаме се дадени во судот – им рече Стефанова на новинарите.

СЈО нема никаква вина за бегството на Груевски, смета обвинителката посочувајќи дека вината е институционална. Според неа, секој кој ќе се најде во ваква ситуација особено во „Титаник“ каде за кривичните дела за кои се товарат обвинетите затворската казна е 3, 4 и повеќе години има причина да избега.

– Секој може да ја помине границата без пасош, имавме ситуација колку мигранти поминуваа граница – прокоментира Стефанова.

Таа повтори дека тие за Груевски барале притвор уште кога се поднесе обвинението за „Титаник“, но судот го одбил и определил одземање на пасошите сметајќи дека на тој начин ќе се спречи бегство. Покрај одземање на пасошите, првично судијата на претходна постапка му одреди и мерка да се јавува во судот еднаш неделно. Меѓутоа, појасни Стефанова, Груевски се жалел и кривичниот совет во Основниот суд му ја прифатил жалбата и неговото барање наместо еднаш неделно да се пријавува еднаш месечно.

Како што е познато, денот кога Груевски требаше да се јавува во судот на неделно ниво беше петок, па ако таа мерка останеше алармот дека тој можеби избегал ќе се вклучеше уште во петокот кога тој немаше да се пријави во судот, секако ако тој избегал претходно.

– Причината што бил политичар, дали бил имотен и важен човек е небитна – нагласи Стефанова посочувајќи дека никој не е недопирлив и оти притвор ќе побараат за секого за кого постои сомнеж дека ќе избега. Обвинителката не сакаше да коментира зошто не побарале притвор за Груевски кога беше донесена пресудата за „Тенк“, како што тоа го направија за Ѓоко Поповски.

– Предмет кој не сум го работела, не можам да го коментирам – рече таа.

Конкретно дали ќе се бара притвор за Сашо Мијалков таа изјави дека ако постои најмал основ на сомнеж веднаш ќе биде побарано. За предметот „Империја“ за кој во притвор се петмина осомничени и во тек е жалбена постапка за оваа мерка, обвинителката посочи дека таму притвор не барале само поради опасноста од бегство, туку и поради опасноста од влијание на сведоци и уништување докази.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...