Алармантно: 200 илјади семејства во Македонија засегнати од дијабетесот 

368
Една третина или околу 200 илјади семејства во Македонија се засегнати од дијабетесот, од кои 500 се семејства со деца со дијабетес тип 1 – предупредуваат од Здружението Баланс на денешниот Светски ден за борба против дијабетесот.

Во Македонија едно од девет возрасни лица или околу 190 илјади возрасни лица и дополнително околу 500 деца имаат дијабетес. Тоа значи дека безмалку 200 илјади семејства се засегнати со оваа состојба во моментов, што изнесува една третина од вкупниот број на семејства во Македонија.

-Доколку нешто итно не се преземе, оваа бројка се очекува драматично да порасне и да предизвика голема хумана, социјална и финансиска катастрофа – алармираат од Баланс.

Во Македонија бројот на деца со дијабетес е околу 500, а годишно се дијагностицираат околу 30 нови случаи, но оваа бројка во последната година бележи пораст (околу 50 случаи до октомври 2018).

Светскиот ден на дијабетесот секоја година се одбележува на 14. ноември, во чест на роденденот на еден од пронаоѓачите на инсулинот- Фредерик Бантинг. Годинава Светскиот ден на дијабетесот е посветен на семејството и дијабетесот, а мотото е Дијабетесот го засега секое семејство.

Над 425 милиони луѓе во светот и околу 190 илјади луѓе во Македонија во моментот живеат со дијабетес. Најголемиот дел од нив се со дијабетес тип 2 што е високо превентибилна состојба преку редовна физичка активност, здрава и избалансирана исхрана и промоција на средина за здраво живеење. Семејствата имаат клучна улога во справувањето со модифицирачките ризик фактори за дијабетес тип 2 и мора да ја добијат соодветната поддршка во едукација, ресурси и средина за да живеат здрав живот.

1 од 2 лица кои живеат со дијабетес незнаат дека се болни 

1 од 2 лица кои живеат со дијабетес тип 2 се недијагностицирани. Раната дијагноза и терапија се клучни за превенција на компликации и постигнување на добри здравствени исходи. Сите семејства се потенцијално засегнати од дијабетесот и затоа свесноста за знаците, симптомите и ризик факторите за сите типови на дијабетес е витална за рана детекција.

Дијабетесот може скапо да го чини поединецот, семејството и здравствените системи. Доколку не се покриени од државата, трошоците за инсулинска терапија и контрола на крвниот шеќер може да одземат и половина од просечните семејни приходи. Затоа е неопходно да се подобри достапноста на лековите и здравствените услуги со цел да се превенираат тешките и скапи компликации од дијабетесот. Се смета дека на дијабетес отпаѓаат 12% од вкупните здравствени трошоци во светот (727 милијарди долари), од кои 75% се трошоци за лекување на компликации. Со очекуваниот пораст на бројот на лица со дијабетес, овие трошоци може значајно да пораснат и да претставуваат многу сериозно оптеретување на буџетите. Правилно инвестирање во едукација, поголема достапност до здравствените услуги,добра терапија и можности за контрола на крвниот шеќер може да се направат сериозни заштеди во делот на компликации.

Годинава Министерството за здравство презема позитивни чекори за обезбедување на подобар квалитет на инсулинската терапија и лентите за мерење на крвен шеќер, исто така позитивно е одговорено на барањето на Баланс МК за обезбедување нов ултрадолгодејствувачки инсулин, а се надеваме во најскоро време и за обезбедување сензори за континуирано мерење на крвен шеќер децата со дијабетес.

2 од 3 лица во семејството не знаат да се грижат за член со дијабетес 

Помалку од 1 од 4 членови на семејството во светски рамки имаат можност да бидат едуцирани за дијабетес. 2 од 3 лица во семејството не знаат како да се грижат за член на семејството. Докажано е дека поддршката на семејството има суштински ефект во подобрување на здравствените исходи кај лицата со дијабетес. Затоа е неопходно членовите на семејствата со дијабетес да добиваат континуирана едукација за самосправување со дијабетесот и соодветна поддршка, со што би се намалил емоционалниот товар на ова заболување што може да предизвика негативен квалитет на живот.

Ова посебно се однесува на семејствата со деца со дијабетес кадешто улогата на семејството е примарна за успешно справување со секојдневните предизвици на повеќекратно инјектирање на инсулин, мерење на крвен шеќер, броење на јаглехидрати и друго. Притоа, процесот на интеграција на децата со дијабетес во системот и општеството има големо значење. Имено, истиот започнува многу рано уште од предучилишните установи и поминува низ останатите фази на процесот на образование. Системски решенија на национално ниво се повеќе од неопходни со цел да се овозможи оваа ранлива категорија на деца и нивните семејства на што побезболен начин да се интегрираат во системот и ги поминат сите комплексни фази во процесот на раст и развој. Системска и планска организација на секое ниво во процесот на образование е базичен предуслов за успешна интеграција, која пак овозможува децата да не чувствуваат никави бариери во реализација на својот потенцијал, а родителите да можат непречено да работат и да придонесуваат во заедницата.

Во светски рамки, бројот на деца и адолесценти (0-19 години) кои имаат дијабетес тип 1 изнесува 1.106.500. Бројот на новооткриени случаи со дијабетес мелитус тип 1 во светот на годишно ниво изнесува 132.600. (извор на податоци Меѓународната Федерација за дијабетес (IDF)).
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...