Делегации од земјава и од странство денеска положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите, на платото пред Владата, во чест на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје. Од Градот делегацијата ја сочинуваа градоначалникот Петре Шилегов, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ.
Шилегов во неговото обраќање истакна дека Денот на ослободувањето на Скопје има посебно место во срцата на секој од нас.
И овој 13 Ноември, рече тој, вреди да се потсетиме колку тешко и скапо ни е платена слободата. Според историските извори, вкупната сила на фашистичките единици коишто го окупирале Скопје изнесувала една дивизија. Во деновите на борбите за ослободување на Скопје по улиците бил растуран леток на германски јазик, упатен до окупаторските војници и офицери.
– Ова говори за широкиот зафат во ослободувањето на градот. За илустрација на самопрегорот за ослободување на нашите сограѓани, ќе го споменам само следниов цитат од летокот: „Секоја улица од Скопје води кај партизаните.“ Во ослободувањето на Скопје учествувале единиците на 12. бригада, 3.бригада, 8.бригада, на 42.дивизија, 50.дивизија, како и 16.бригада. Нападот за ослободувањето на градот почнал во текот на ноќта помеѓу 12 и 13 ноември 1944 година. Вечерта, на 13 ноември, Скопје било ослободено, а на борците – ослободители им бил приреден свечен пречек, недалеку од тука. И додека многу градови низ Европа ги ослободуваа странски војски, Скопје го ослободија нашите партизани. Иако беа далеку помалку опремени од окупаторот, иако беа послабо вооружени тие успеаја да го победат затоа што го бранеа својот град, својот дом, а има ли нешто посвето отколку да го жртвуваш животот за својот дом – рече пред присутните градоначалникот.
Шилегов потсети дека во борбите за ослободување на Скопје загинале 398 борци.
– Ним и на преостанатите борци, им должиме да работиме посветено за нашиот град, но и да не ја заборавиме нивната пожртвуваност. Изминатава година докажавме дека се грижиме за нашето наследство од НОБ: го возобновивме со години затворениот Музеј на илегалните работилници за оружје, ја почнавме постапката за подигање спомен-обележје на Кемал Сејфула, Сојузот на борци повторно доби свои простории, а соработката со Градскиот одбор на СОЗБНОВ е на највисоко ниво. Длабоко сум убеден дека со она што успеавме да го реализираме во изминатава година исполнивме барем дел од нашиот долг кон ослободителите. Нека ни е честит 13 Ноември, а вам драги борци, ви ветувам дека никогаш нема да го заборавиме вашиот влог за ова Скопје коешто го имаме денес – истакна Шилегов.