Пописот во 2020 година ќе оди без прашање за етничка припадност

1426
20151019 Monday 1347 luge gragani gragjani ulici tolpa skopjani anketi anketa

8,5 милиони евра ќе чини пописот што ќе се спроведе во април 2020 година во Македонија. На предлог од Државниот завод за статистика и во нацрт верзијата на Законот за попис се бара да нема прашање за етничка и за верска припадност, за пописот да се заштити од политизација, туку да има прашање за јазикот и тоа за  мајчиниот и за јазикот што вообичаено се зборува во домаќинството.

До крајот на годинава се очекува нацрт верзијата на Законот за попис да помине на Влада, а во февруари в година Собранието да го донесе Законот.

Нацрт законот за попис најдоцна в понеделник ќе биде ставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи на РМ (ЕНЕР) за да се добијат забелешки по текстот на законот.

– Податокот за етничка припадност нема никаква употребна вредност, туку само се злоупотребува за политички цели и поради тоа стојам на ставот дека тој не треба да биде дел од пописот – рече на денешниот брифинг со новинарите, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Во четири општини во април идната година ќе се спроведе пилот проект на пописот и тоа во Гостивар, Зелениково, Кисела Вода и во Свети Николе. Овој пилот попис ќе чини 3,5 милиони евра, а со овие пари ќе биде набавена и опремата, а пописот во 2020 ќе чини 5 милиони евра. Средствата ќе бидат наменети за лицата што ќе бидат ангажирани за спроведување на пописот, брифираа денеска во Државниот завод за статистика.

Планирано е пописот да го спроведат 5.000 попишувачи на 8 јазици, а по двајца попишувачи ќе има во мешаните средини. Во пописот нема да бидат вклучени  вработените во администрација, туку, главно, лица од локалната заедница.

Ќе се попишува населението кое е во Македонија, како и странците кои се со подолг престој од една година во земјава, но ќе се врши попис и на отсутно население, кое е надвор од земјава повеќе од една година.

Отсутните влегуваат во вкупно население, но не во присутно, туку во отсутно население. Ќе ги пријават членови на семејство, а ќе има и повик сами да се пријават.

-Попишувачи ќе бидат лица од локалното население, добро обучени, кои ќе треба да имаат познавање на ИТ технологијата, бидејќи попишувањето ќе се врши на лаптоп, а не со хартиени прашалници. За првпат ќе се користи комбиниран метод: податоци на терен и податоци од регистри- појасни директорот Симовски.

Комбинираниот метод се базира на податоци од терен добиени преку индивидуално попишување, со податоци од претпописна статистичка база на податоци добиени од постоечки регистри што се поврзани со користење единствен матичен број на граѓаните.

На претходните пописи податоците биле обработувани за една до една и пол година, а сега се планира тоа да се заврши за најмногу три месеци.

За изградба на пописната база ќе се користат податоци од Министерството за информатичко општество и администрација, МВР, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување, Министерството за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, Централен регистар, УЈП, Министерство за здравство и Министерство за надворешни работи.

Меѓународниот експерт за попис, Вернер Хауг, ги презентираше меѓународните стандарди спроведување на попис на населението.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...