Екс премиерот Никола Груевски еден ден пред крвавиот четврток, на 26 април лани, и дента на упадот, му пишал пораки на тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељановски.
На 26 април пораката од Груевски била пратена во 11 часот наутро и гласела:
„Од Чавков: Добро утро директоре да ве известам, во моментов добив информација од лојален колега Албанец дека денес околу 13.30 часот се планира нешто од другата страна да се направи во Собрание дали инцидент дали со сила изгласување на претседател или нешто слично на тоа. Во моментов немам поконкретни информации ако имам ќе ве барам. Од повеќе извори има информации во тој правец“.
Покрај оваа, Груевски му пратил на Вељановски уште една порака, но на 27 април во 16.04 часот во која пренесува информација дека некој од ДУИ кажал оти ќе се избира Талат Џафери. Содржината на пораката испратена од бројот на Груевски е следна:
„Од Панче Кралев: Од ДУИ информација од човек што дојде од состанок со Талат: Денес за попладне после 17 часот се спрема избор на Талат за претседател по иницијатива за СДС.“