Ловци на глави

Тоа што треба да биде правда, се претвори во ритуален лов на глави. Колку и да е оправдана жедта за правда, таа на крајот изгледа како жед за одмазда.

1519

Во општата хистерија и потера по озлогласениот криминалец, сега и официјално бегалец од правдата, се втурнаа сите медиуми, Фејсбук патроли и разни други теренци. Во своевидно ритуално празнење, се истурија бескрајни низи од коментари и многу хумор (дури и добар), на социјалните медиуми. На улиците, барабар со полицијата, ентузијастите – ловци на глави, ѝ „помагаа“ на полицијата во потерата по омразениот диктатор во бегство.

Јавноста, во сите нејзини форми и деформитети, беше и остана многу поажурна, активна дење и ноќе, во работно време и во текот на викендите, во потрагата да ја види правдата исполнета час поскоро. Од зимата 2015 година наваму гледаме и учествуваме во напната драма со многу трагикомични, па и крвави заплети, со малку логични расплети, а последниот, најдраматичен чин, никако да се одигра.

Судската власт, очекувано, беше премногу лежерна деновиве, си го почитуваше правото на викенд, постојано одложувајќи ги финалните чекори што ќе го сместат Груевски зад решетки, како што му е досудено. Тоа на овој криминално-политички заплет му дава чуден вкус, за кој допрва треба да побараме одговорни, но, како што тоа обично бива во Македонија, тешко дека такво нешто ќе се случи. Полицијата веќе го крка подебелиот крај на онлајн стапот на јавноста, иако таа е последната алка во синџирот на одговорности.

Груевски на крајот ќе биде лоциран, во текот на наредните часови, денови, а можеби месеци и години. Но, две важни поенти остануваат во сиот овој циркус во кој, дури и не сакајќи, сите сме втурнати и кој повторно ќе биде искористен како изговор за многу незавршени процеси, а ќе биде и извор на многу непријатни сознанија без епилог.

Системот уште еднаш покажува дека страда од последиците на организираниот криминал, што го прави неефикасен и неправеден. Еден крадец на ќебапчиња или активистка за легализација на лесните дроги се соочуваат со полната сила на органите за судски прогон кој покажува мобилност и ефикасност дење-ноќе. Но, осуденик за далеку потежок криминал што е предмет на дузина други истраги за уште потешки кривични дела, успева елегантно да ѝ се измолкне на државата.

Како бе така, поштоване госпоџе и господо у тогама?

Кога се работи за „тешкаши“, се користи викенд, а ако случајно и заврши во Шутка, веднаш се обезбедуваат услови за престој во ќелии што се еднакви на хотелски соби со четири ѕвездички. Системот лее солзи за покачен холестерол на едни, а бремена жена изгуби дете во занданите (како од турско) од истиот затвор. Луѓе добиваа(т) парадентоза, умираат од тешки болести, со отворени рани и инфекции, ги фрлаат како вреќа со ѓубре на бетонот во дворот на затворите, но за „тешкашите“ е обезбедено сѐ што им е потребно за пристоен и удобен престој. Браос!

Кога имате таков систем, општеството (јавноста) се извитоперува. Тоа што треба да биде правда, се претвори во ритуален лов на глави. Колку и да е оправдана жедта за правда, таа на крајот изгледа како жед за одмазда. Се организираат медиумско сеирџиски заседи, а мозочните клетки се оптоваруваат до максимум за да се смислат изрази на ситење и омраза. Секоја чест за извонредниот хумор и зајадливост на голем број онлајн мудреци.

Од друга страна, цела една партиска врхушка се втурнала во очајничка и хистерична пропагандна битка за одбрана на својот капо и цимоли затоа што полицијата извршила претрес на возило (побарале да се отвори гепек на генсекот или некое друго лапрдало и лево сметало). И тоа нервира, мора да се признае.

Сѐ на сѐ, не е здодевно. Но не е ни вкусно за консумирање. А последиците од сите аспекти на грдиот начин на водење политика и (отсуство) на владеење на правото ќе продолжат да ги трпат „обичните смртници“ чија реалност се претвори во сапунска опера од ниска категорија. За „тешкашите“ – минимум четири ѕвездички или амнестија… Тивка.

А сега, откако мудрував, дозволете да се вратам на уживањето во лошата претстава со безброј комични моменти. Пријатен лов!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...