ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на седницата за јазиците и бара амандманска расправа

Мицкоски неколку пати повика на разум и избегнување на, како што рече, лоши сценарија и избегнување на опцијата за парламентарен терор на мнозинството врз малцинството.

578

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат на утрешната седница на Собранието, на која треба да се донесе законот за јазици, но лидерот на партијата бара разгледување на нивните амандмани и отворање на амандманска расправа.

Ова денеска од Струмица го соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за ставот на опозициската партија за учеството на утрешната седница на Парламентот.

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ апелирала за разум, почитување на законите, Деловникот на Собранието и Уставот на Република Македонија.

– Понудивме решение кое се темели на формирање работни групи, кои ќе бидат составени од сите парламентарни политички партии, ќе биде вклучена експертската јавност, ќе бидат вклучени претставници од МАНУ и кабинетот на претседателот на државата. Темата е чувствителна. Во минатото видовме дека оваа тема предизвика голем број реакции и кај експертската јавност, но и во општата јавност во Република Македонија – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој неколку пати повика на разум и избегнување на, како што рече, лоши сценарија и избегнување на опцијата за парламентарен терор на мнозинството врз малцинството.

– Повикувам уште еднаш за разум. Повикувам уште еднаш за почитување на Деловникот, почитување на законите, бидејќи ова не смее да се дозволи. Лошо ќе влијае врз Република Македонија, за имиџот на Република Македонија и пред меѓународната заедница, но и пред домашната јавност. Затоа уште еднаш за последен пат повикувам за разум. Да се избегне едно девијатно однесување во Парламентот, насилно усвојување на овој закон и повикувам на почитување на Деловникот и разгледување на амандманите и отворање на амандманска расправа, која што ВМРО-ДПМНЕ ја очекува за време на утрешната седница на Собранието. Сето останато ќе предизвика реперкусии и за тој што ќе се одлучи да ги прекрши законите, но и сите оние кои што ќе го поддржат во таа постапка – додаде Мицкоски.

На дополнително новинарско прашање како ВМРО-ДПМНЕ ќе дејствува на утрешната седница, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека нивните пратеници ќе присуствуваат на седницата, а за натамошните чекори јавноста ќе била благовремено информирана.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...