За седум години 1.207 лекари ја напуштиле Македонија

Истовремено со уписот на Медицинскиот факултет студентите се запишуваат и на курсеви по германски јазик.

420

Дури 1.207 лекари си заминале од Македонија во овие седум години и почнале да работат во странство. Повеќето од нив се млади на возраст до 35 години, период во медицината кој се смета дека за најпродуктивен, предупредија денеска од Клубот на млади лекари, каде членуваат студентите по медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. 

Во Неделата на студентите по медицина, идните лекари ги кажаа најчестите причини за егзодусот на нивните постари колеги од земјава.

Не се причината само платите на лекарите, иако и тие се важен сегмент. Не секогаш најдобрите студенти ја добиваат највисоката оценка или вработувањето. Бидејќи, колку тие и да се обидуваат, тоа често го добиваат синовите или ќерките на професорите или пак, оценувањето и вработувањето оди по партиска линија! А тоа, за жал, е доста честа практика кај нас – рече Соња Граждани, студентка на 6. година на Медицинскиот факултет во Скопје.

Таа додаде дека студентите имаат забелешки и за начинот на едукација во оваа високообразовна установа.

– Учиме од застарена литература, која сѐ уште се користи кај нас – додава таа.

Од интерните истражувања и анкети кои Клубот на млади лекари ги направил помеѓу студентите по медицина на Медицинскиот факултет во Скопје, денеска беа соопштени и други загрижувачки податоци – дека истовремено со уписот на Медицинскиот факултет помладите колеги се запишуваат и на курсеви по германски јазик.

Најголем дел од студентите веќе го изучуваат германскиот јазик, како почетна фаза на комплетно заминување и продолжување на научното усовршување надвор од Македонија. Некои почнуваат да учат германски уште од 1. година, веднаш по уписот на факултет, а повеќето во другите години на студирање – рече Граждани.  

Нејзиниот колега, Арбијон Кадари, нема намера да ја напушти земјата.

Јас потекнувам оттука и не сум заинтересиран да одам во странство и таму да ги лекувам пациентите. Ќе останам тука да работам, се надевам во подобри услови – вели Кадари, кој е студент на 6. година.

Една од малубројните компании која ги мотивира студентите по медицина и фармација да останат и да продолжат да работат во Македонија е „Алкалоид“ АД Скопје. Таа веќе неколку години доделува стипендии на најдобрите студенти по медицина и фармација и ги вработува младите лекари и фармацевти.

– Заедно да работиме на тоа да се подобрат условите во општеството и да се намали овој тренд на заминување на лекарите во странство. Да ги мотивираме и охрабриме студентите да останат тука, да помагаат, но и да продолжат со едукација и да градиме хумано општество – порача Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...