Американската актерка Камерон Дијаз (45), одлучила да паузира со глумата за да му се посвети на семејниот живот, пишуваат светските медиуми.
Ја издаде другарката
Камерон Дијаз наводно се пензионира од актерството, според нејзината блиска пријателка Селма Блер. Иако има само 45 години, Камерон, тврдат странските медиуми, рекла дека завршила со филмската индустрија.
Селма изгледа случајно ја откри веста при разговор за продолжение на нивниот заеднички филм „Најслаткото нешто“.
– Бев на ручек со Камерон пред некој ден. Се присетивме на филмот „Најслаткото нешто“. Јас би сакала да се сними продолжение, но Камерон се повлекува од актерство и оди во пензија. Таа рече: „Јас завршив со тоа“, раскажала Селма и додала:
– Мислам, нејзе не ѝ е потребно да снима веќе филмови. Има убав живот. Не знам што би било потребно да се случи за да ја натера да се врати. Таа е среќна – продолжила пријателката на Камерон.
Да му се посвети на сопругот
Камерон Дијаз е во брак со музичарот Бенџи Мејден, па изгледа дека и поомилено нешто ѝ е да го поминува времето со него дома отколку да трча по филмските сетови.
– Камерон е постојано затрупана со сценарија за филмовите што се обидуваат да ја извлечат од пензијата, но таа едноставно не е заинтересирана. Среќна е, вљубена и сака да го искористи своето слободно време најдобро што може – рекол извор за „Дејл стар сандеј“.
Актерката досега глумеше во многу популарни филмови и изгледа сака да се посвети на приватниот живот и на нејзиниот сопруг.
И додека многумина шпекулираа дека тоа е само краткотрајна пауза во која Камерон сака да се обиде да стане мајка и да се посвети на приватниот живот, сега се дозна дека на глумата засекогаш одлучила да ѝ каже збогум.
Порано во текот на оваа година, голема тема беше желбата на Камерон да добие бебе со сопругот Бенџи Мајден, гитарист и пејач на бендот „Гуд Шарлот“. Го запозна во 2014 година и во 2015 година се омажи за него, по само седум месеци врска. И двајцата би сакале да се остварат во најважната улога во животот – во улогата на родители – и силно сaкаат да создадат семејство. Мошне долго време се шпекулираше за бременоста на Камерон, но славната актерка сè уште ништо официјално не потврдила.
Иако во минатото беше во врска со разни холивудски заводници како Џастин Тимберлејк, Џаред Лето и Алекс Родригез, Камерон дури во 39-годишниот Мејден пронашла сè што бараше.
Последна улога во 2014 година
Холивудската убавица што ја паметиме од филмовите „Маска“, „Ангелите на Чарли“, „Сите се луди по Мери“, „Венчавката на мојот најдобар пријател“, „Небо од ванила“, „Шрек“, последниот филм во кој Камерон глумеше е мјузиклот „Ени“ од 2014 година, а оттогаш наводно ги одбива сите други понуди. Камерон не се појавува на филмското платно и избегнува настани и црвен тепих.
ФОТО: EPA/JENS KALAENE