„Тенкот“ на Груевски не стигнал до Врховен, Иванов молчи за можното помилување

3655
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

И денеска продолжува неизвесноста дали поранешниот премиер Никола Груевски ќе го добие решението дека му се одбиени жалби за одложување и оти веднаш треба да се пријави во затворот во Шуто Оризари за да ја одлежи затворската казна од две години за набавката на блиндираниот „мерцедес“.

Судскиот курир од утрово се обидел да го пронајде на домашната адреса, но безуспешно.

Адвокатскиот тим на Груевски со молбата и жалбите ги исцрпе редовните правни акти за одложување на казната затвор. Останува вонредното барање за преиспитување на пресудата, кое е поднесено до Врховниот суд. Меѓутоа, од Кривичен предметот не беше испратен бидејќи чекаа да се комплетираат материјалите со жалбата од екс министерката Гордана Јанкулоска, исто така осудена за блиндираниот „мерцедес“, која таа ја поднесе на 6 ноември.

Како што информираа од Врховен за Плусинфо, до овој момент кај нив не пристигнале никакви материјали.

Од адвокатскиот тим на екс премиерот велат оти немало потреба да се чека толку долго за предметот да стигне во рацете на врховните судии.

– Ние сме поднеле барање, очекуваме во најкраток можен рок да се препрати за да не се повредува одбраната на обвинетиот. Ние и до сега очекувавме од судот да го сторат тоа, уште повеќе во моментов на поднесување да се даде предметот во Врховен. Дали за другиот предмет ќе се дадеше жалба или не, тоа е ирелевантно бидејќи тоа е друг предмет – велат од адвокатскиот тим на Груевски.

Во игра за спас од затвор е и претседателот Ѓорге Иванов, кој веќе доби писмо со барање за помилување. Тоа беше испратено од страна на демонстрантите кои излегоа на протест пред Кривичен на 7 ноември минатата недела.

Дали Иванов го разгледал барањето, кој е неговиот став и размислува ли воопшто за помилување на поранешниот премиер, прашавме во неговиот кабинет веднаш по обелоденувањето на барањето, но одговорот сѐ уште го очекуваме.

Законот за помилување, пак, предвидува дека молба до Иванов за Груевски да биде помилуван може да поднесат неговата сопруга, роднина по крв во прва линија, брат, сестра, посвоител, посвоеник, хранител или старател. Таа се поднесува до судот кој треба да ја проследи до претседателот.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...