Има спас за Македонија!

Има спас за Македонија, а таа се наоѓа во спрегата меѓу вештачката интелигенција и роботиката.

1876

Македонија се празни. За сега, побрзо се празни поради заминувањето на луѓето на Запад, отколку што тие бегаат од жестокото загадување и од смртоносни болести. Да се надеваме дека нема да настапи период кога тие пропорции ќе бидат обратни – умирањето да ги претрка раѓањето и заминувањето. Како што сега стојат работите, земјава дефинитивно ќе опусти за прилично кратко време. Ќе нема кој да ги послужи кафе бројните офицери на НАТО, ЕУ дипломати и инвеститори по кафеаните…

Сепак, патриотите не мора да очајуваат. Има спас за Македонија, а таа се наоѓа во спрегата меѓу вештачката интелигенција и роботиката. Технологијата доживува нова револуција, нешто што вака потонати во патриотски теми од 19. век, не го забележуваме. Врв на искористувањето на технолошкиот напредок во античкава ни Македонија е да се истури сиот простотилак на социјалните мрежи.

Но, роботите се веќе интелигентни. Софија, медиумска, па и модна икона, творба на Хенсон Роботикс е активирана уште во 2016 година.

Тоа е решението за Македонија! Кога сите ќе заминат, Македонија може да се насели со интелигентни роботи.

Процесот на хуманизирање на роботите, според ексклузивната Плејстејшн 4 игра (Detroit: Become Human) на Хенсон Роботикс, ќе трае отприлика вака:

До 2031 година роботите андроиди ќе бидат целосно прифатени во армиите во светот, а ќе бидат важни и во другите јавни сервиси како што се спасувачките тимови, полицијата, брзата помош, противпожарната…

До 2038 година, роботите андроиди ќе бидат толку развиени што лесно ќе можат да полагаат испити и на најтешките универзитети и ќе се стекнуваат со докторски титули. Тоа ќе биде и почетокот на глобалното движење за права на роботите. Дел од законодавците и корпорациите ќе започнат со ограничувања и репресија врз роботите.

САД ќе бидат првата држава во светот што ќе им даде еднакви граѓански права на роботите и луѓето. Во 2045 година, роботите андроиди можат да стапуваат во брак со луѓето, ќе имаат слобода на изразувањето, право на глас, право на сопственост и сите останати права и слободи што ги ужива и човекот.

Можностите за Македонија со ваква проекција на иднината се неограничени. До тогаш можеби и Груевски ќе се врати, делумно роботизиран и подмладен, од некоја плажа каде што ќе води хотелски комплекс и ќе ја освои власта во Македонија. Ќе формира влада од роботи андроиди произведени по негова нарачка – антички. Тој ќе го смени името од Никола Груевски во Александар Македонски (ако веќе не го направил тоа) и ќе тргне во освојување на државите во кои не останале луѓе (сите ќе отидат на Запад каде што сите се еднакви) и ќе ги населува со своите роботи. Ќе произведе и роботи што неговите роботи ќе имаат задача да ги мразат, бидејќи нема да бидат антички.

Сите заедно ќе имаат мали проблеми, веќе претпоставувате со што, но на роботизираниот Груевски чиј тен ќе биде потемнет од долгогодишниот престој во егзотични земји, нема да му пречи тоа. Напротив!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...