Судот денеска ќе прави нов обид да му го достави решението на порнешниот премиер Никола Груевски за отслужување на затворската казна од две години за предметот „Тенк“ или ќе му го врачи на рака во судот каде тој доаѓа на рочиште за друг предмет.
Откако Груевски ќе ја добие одлуката, би требало веднаш да се јави во затворот за издржување на казната за блиндираниот мерцедес.
Но, доколку Судот утврди дека Груевски избегнува да го прими решението ќе се пристапи или кон негово спроведување или кон распишување потерница. Тоа може да се случи уште утре.
Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 ги одби во петокот жалбите на Груевски и неговите адвокати и го потврди решението на судијата за извршување санкции со кое поранешниот премиер треба да се јави во затворот за издржување двегодишна казна за предметот „Тенк“.
По одбивањето, во петокот судскиот курир три пати се обидуваше да го пронајде Груевски дома, но не успеа. На врата го пречекала сопругата Боркица која рекла дека тој не е дома.
Груевски денеска требаше да се појави во судот на рочиште за „Титаник“ и таму да го добие решението, меѓутоа тоа е одложено, наводно од претходно, бидејќи во исто време има судење и за „Монструм“, предмет во кој се истите судии како и во тој за изборните измами.
Собранието на Република Македонија во петокот не му го одзеде пратеничкиот мандат на Груевски зашто немаше двотретинско мнозинство.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI