Ништо подобро не ја отсликува бурната внарешна, душевна драма на експремиерот Груевски отколку два цитата: еден од филозоф на модерната Фридрих Ниче и друг од знаменитиот писател, нобеловерцот Иво Андриќ. Тие два цитата тој ги употреби во две интимни исповеди од својот ФБ-профил и тоа во моментот кога стана јасно дека ќе одлежува двегодишна затворка казна, a во затвор кој некогаш сам го пуштал, како премиер, во употреба.
Првиот цитат е во врска со оној добропознат Übermensch кој, во оптиката на Ниче, го има за свој модел античкиот јунак и аристократ. За него не важат законите на христијанскиот морал. Не важат, затоа што тој морал е одбрана на слабите, како што објаснува Ниче во неговата „Генеалогија на моралот“. Претендира да ги направи еднакви со силните и одбраните (aristо). Силните се од „онаа страна на моралот“ со длабоки корени во етиката на христијанството. Тој морал довел до општа социјална декаданеција. За да се спаси човештвото од таа декаденција треба, според Ниче, да се врати кон моралот на витализмот кој важи за силните, за античките аристократи.
Сето тоа го има во оној цитат од Ниче на кој се повикува експремиерот Грувски, а кој вели дека нема сегашност, нема иднина за тој што не стигнал до длабокото минато. За Ниче длабоко минато се врмето на Заратустра и аристо-светот (власт) на Стара Грција. За Груевски тоа “длабоко минато“ е светот на Филип II од Пела и неговиот син Алаксандар кому му подигна гигантски споменик во центарот на Скопје. Тој цитат му треба на Груевски како силна филозофска поддршка од знаменит филозоф кој го правда во неговите очи, кој му вели дека не само што бил во право со својата антикоманија, туку како одбран-aristo човек тој имал право и на оние славни кинески провизии. А имал, затоа што и за него, како и за оној Übermensch важи еден посебен морал – моралот на силата и моќта. Бидејќи за него важи тој морал, само од себе се подразбира дека тој е жртва на „политички прогон“ по кој посегнала актуелната власт.
Прв човек на сегашната власт е оној човек, премиерот Зоран Заев кој требало да биде убиен на 27 април 2017 г. И тоа пак во името на оној морал за кој се залага големиот германски филозоф. Тоа што не бил убиен, било игра на чистиот случај, цинична во основа. Имено, тој што требало да ја сврши таа валкана работа немал “чиста мета“ и така Заев спасил жива глава на рамена. А кој и каков човек е тој Заев кој не само што му ја зел власта од раце туку, згора на тоа, сега го праќа в затвор кој некогаш лично го отворал?
За тоа зборува вториот цитат од ФБ-профилот на Груевски кој доаѓа од перото на знаменитиот Нобеловец Иво Андриќ. Во тој цитат се вели дека бил мизерен оној човек што куткал и газел по друг за да се – издигне себеси. Со оглед на ситуацијата во која се наоѓа сега Груевски, алузијата е повеќе од јасна. Тој што треба да оди в затвор по пресуда на суд кој го контролира Заев е еден одбран, aristo-човек во класичната смисла на тој збор, еден Übermensch според филозофијата на Ниче, а тој човек е никој друг туку лично Груевски.
Оној што го праќа сега, како власт, в затвор е еден човек – гола мизерија. Тој не само што не слегол во „длабокото минато“ како што го сторил тоа оној што треба да лежи робија, туку сè зборува дека нема ни да слезе. Затоа што – нема ни намера, му вели внатрешната логика на некогашниот премиер. Тој ниту знае што е сегашност, ниту знае што е иднина, а уште помалку што е тоа еден aristo-човек, еден Übermensch. Бидејќи не знае, тој посега по драконско средство без кое ни не би можел да се – „издигне“. Тоа драконско средство е да го прати својот претходник на местото премиер в – затвор. Следува сега простото прашање: зар до толку „забегал“ (Јанкуловска) човекот што сака по секоја цена да се оправда во своите очи со цитати во кои ни сам не верува?
Постои старо, добро, општопознато психолошко правило кое вели дека сите ние брзо го уочуваме кај други тоа што не ни се допаѓа кај самите нас. И уште побрзо го осудуваме. Во конкретниов случај за кој зборувам, таа осуда гласи – „мизерија.“ Tаква „мизерија“ не е никој друг туку актуелниoт премиер Заев кој гази и затвора едсен Übermensch за да се издегне – себеси. Како во своите, така и во очите на светот над кој, по игра на судбината, има власт.
Било како последица на онаа бурна внатрешна драма што ја живее сега некогашниот премиер, било како последица на неговата повеќе од скромна општа култура (иако, во меѓувреме, стана доктор на екононмски наук) тој: или го заборавил, или не знае, или пак не сака да знае за тоа старо, добро, психолошко правило. Со посредство на оној цитат од Андриќ Груевски вели дека „мизерија“ бил сегашниот премиер Заев. Aма, затоа пак логиката вели дека, на индиректен начин, тој зборува за себеси и, дури, се – самосудува! Иако не е во состојба јасно и гласно да го каже тоа. Иако не може, дури ни пред сбеси, да си го признае тоа што многу добро го знае. Токму затоа тој, дури е жив ќе тврди дека е невина жртва на “политички прогон“ кој го води против него еден „мизерен“ човек што сака да се „издигне“ по секоја цена.