Третиот амандман помина на Уставна комисија

Преостанува пред пленарната седница закажана за први декември поддршка за нацрт амандманите да даде и Законодавно-правната комисија.

218

Комисијата за уставни прашања денеска го потврди и третиот нацрт-амандман со кој Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независнот на соседните држави.

Владејачкото мнозинство тврдеше дека со амандманот 35 се потврдува дека Македонија и Грција немаат територијални претензии и дека го почитува нивниот суверенитот, територијалниот интегритет и политичка независност. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пак,сметаат дека амандманот е непотребен и дека треба да се тргне, зашто Македонија нема никакви претензии кон Грција.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во образложението на амандманот рече дека со овој амандман се зацврстува довербата и се гарантира непроменливоста на границата со Грција.

– Кога спомнав вчера дека сме Македонци, тоа го спомнав во дебата со пратеник на Нова Демократија во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Тој ме праша, сега после Договорот, ако се заврши овој процес што ќе бидете вие? Јас му кажав дека ќе бидам Македонец, кој ќе зборува македонски јазик, дека тоа е неспорно мое право на самоопределување и самоидентификација, дека по Договорот по членот седум сме успеале да најдеме начин оти кога ќе се кажеме ние како Македонци тука во нашата држава, не мислиме на истото што го мислат Грците кои се идентификуваат како Македонци – рече Димитров.

 

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, праша дали е предвидено и Грција да го смени Уставот и да вметне ваква одредба.

Димитров одговори дека не е тајна оти во Договорот од Преспа не е предвидено и Грција да вметне ваква одредба.

– Не е тајна дека ние сме страната на која и треба повеќе договорот, отколку на Грција. Тие се членки на ЕУ, на НАТО. Се обидувавме да најдеме некакво решение. Во преговорите, секогаш страната што има алтернатива е во подобра позиција. Со Договорот од Преспа Грција доби повеќе, но и Македонија доби повеќе – одговори Димитров.

Првите два амадмани со кои пред името Македонија се додава придавката „Северна“  и за промена на преамбулата веќе добија зелено светло во матичната комисија.

Преостанува пред пленарната седница закажана за први декември поддршка за нацрт амандманите да даде и Законодавно-правната комисија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...