Тијаниќ или човек што прави разлика

Во времето на организираното лудило, Тијаниќ беше еден од малкутемина што пишуваа критички против национализмот уште од првиот ден. Дотолку е чудно што подоцна се „зближи“ со некои негови протагонисти.

817

Додека светот се тумба на нос, Трамп го освојува Сенатот, Европа со вознемирено лице крева рамена, а Македонија сè уште невидена, нечуена и неразбрана во европските процеси, дозволете ми оваа сабота да му посветам простор на еден човек што имаше амбиција да се обиде во оваа чудна професија – новинарството. Имено, ќе зборуваме (што ако пишуваме?) за Александар Тијаниќ, новинарскиот прототип, уникат, „рачна изработка“ – разорно интелигентен и дрчен политички (што тоа да значи) опсерватор, живописен one men show, кој од една страна делуваше револуционерно-еманципаторски во дотогашното секојдневно опкружување од сеoпшто чиновништво, а од друга страна го естрадизираше и таблоидизираше јавниот дискурс, само што во тоа време, зборуваме за осумдесеттите години од дваесеттиот век, сè уште беше присутно во „здрава“, односно релаксирачка мера, а во деведесеттите и по нив ќе прерасне во цунами од деградација, во што Тијаниќ – и по своето значење и формат – не можеше да биде без двојни заслуги, и во својство на „жртва“, и во својство на „џелат“, според потребата и според поводот.

Пријател на Милошевиќ

Од матичниот НИН, кој од почетокот на осумдесеттите па до издигнувањето на Милошевиќ беше најрепрезентативното перо во југословенскиот мејнстрим – а по лудачката Осма седница Тијаниќ е тивко протеран или поттурнат настрана да пишува за што-ти-ја-знам, „за кошарка“, што, пак, од друга страна, „експлодира“ во весниците од другите југословенски републики, најмногу во „Слободна“ и „Неделна Далмација“, загрепски „Данас“ и „Старт“, сараевското „Ослободување“ и љубљанската „Младина“. Во тоа време заработи (авто)иронична титула „гигантот на хрватското новинарство“, ама поважно од тоа – а што секогаш се заборава – покрај осумдесеттите години, во времето на организираното лудило, Тијаниќ беше еден од малкутемина што пишуваа критички против национализмот уште од првиот ден. Дотолку е чудно што подоцна се „зближи“ со некои негови протагонисти.
Да, заработи уште нешто: беше првиот новинар што заработи сериозни пари од пишување во весници – а подоцна, многу посериозно, основа и водеше неколку приватни и јавни телевизии.
Од 2004 година беше на чело на Радио-телевизија Србија и суштински ја обележи една цела нејзина деценија. Програмата на една страна премногу ја комерцијализира, затоа што беше дрчен да се натпреварува со комерцијалните телевизии, а на другата страна со својот значаен авторитет и легендарна своеглавост, сепак се заштити од преексплицитните политички слаломи од страна. Колку е Александар Тијаниќ важен, ќе видиме во иднина. Ќе видиме дали РТС ќе ги преживее притисоците и директното ретроактивно зрачење на политичката моќ.
Го крена својот глас во осумдесеттите и веќе никогаш не го спушти на ниски фреквенции, учествуваше во безбројни јавни расправи „со“ или „без“ покритие, успеа да биде во конфликт речиси со сите и да создаде непријатели на сите страни. Му замеруваа сешто, со причина и без причина. Најбаналната, а веројатно и најчестата замерка беше дека „нема факултет“, а, пак, од друга страна, тие кои тоа му го замеруваа беа најдобар доказ колку тоа ништо не значи: ете, илјадници од нив имаат факултет, ама никој не стана Тијаниќ, ниту, пак, тоа што тој го поседуваше, а огромно мнозинство тоа нешто не го поседуваше, прашувајќи се воопшто дали тој човек може да дипломира.
Со голема скеспа му се замеруваше пријателството со Мира Марковиќ и слични личности што припаѓаа на самото срце на таа колективна магла, или краткото и бесмислено министерување во владата на Милошевиќ. Периодите на блискост со некои крупни олигарси или важни политичари од него направија советник на Воислав Коштуница, тогашниот претседател на СРЈ – се разминуваа низ бурни реакции, обично „низ серии“ од текстовите на Тијаниќ. Најголемата болка на „граѓанска“ Србија, пак, е за текстот што Тијаниќ го напиша за Ѓинѓиќ: „Ако Ѓинѓиќ преживее, Србија нема“, и тоа, во лице на трагедијата, никогаш не му е простено ниту заборавено, без разлика што тој подоцна се обидуваше да разјасни што со тоа мислел и планирал да каже. Некои работи едноставно се непоправливи, некои штети не можат да се надоместат.

Раскошен талент

Александар Тијаниќ почина во 2013 година како еден од оние јавни личности за кои луѓето баш сакаат да имаат некакво мислење – неретко без солиден осврт на фактите, а камоли на комплексноста на една биографија, комплексноста на една човечка судбина. Колку што можам да проникнам: кај другите луѓе ценеше и бараше памет и талент, без разлика што сè друго може да ги раздели, а презираше луѓе без овие особини, проследено со огромно присуство на претенциозност. Некои нијансиери засекогаш ќе жалат за оној тивок Тијаниќ што пишуваше за НИН, за некои тоа е неговото најголемо време и капитал низ кој си ги покажал своите раскошни писателски таленти. На некои други тоа не им е важно, затоа што љубат за да љубат и мразат за да мразат се од тој разулавен Тијаниќ, гласниот медиумски „актер“ – ама и цело време луциден сведок – на една општествена калакурница во која (низ очите на Тијаниќ) го видовме нејзиниот почеток, ама никако да го видиме и нејзиниот крај.
Како сакате наречете го Тијаниќ, ама една работа не му одеше од рака: никако да остане незабележан и безначаен, никако да предизвика рамнодушност и досада. Припаѓаше на онаа сорта луѓе што секогаш правеше разлика, и на добро и на помалку добро. Таквите се ужасно малку, бројот рапидно опаѓа од ден на ден. Погледајте снимки на Јутјуб од раните осумдесетти, сигурен сум дека ќе знаете за што зборувам. А, ако не дознаете, јебига, барем се обидов, а вас со сигурност ќе ве покријат зимските снегови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...