Кретени во совршен вмровски костум

Иако успеавме да се ослободиме од хегемонијата на вмровската глупост и, еве, чекориме низ коридорот на славата во меѓународните и геополитичките односи, кретенското оделце и уште поглупавото недоветно тетеравење упорно ги носиме со себе, каде и да одиме.

1181
grcev

Елем, дава нашиот јунак штоф на шнајдер, договaра кројка – костумот да е „уз тело“, оди редовно на проби, и на крајот оди со детско решение од кај кројачот да излезе облечен во новото оделце и во помин да продефилира и да ја заблесне чаршијата. Упаѓа внатре – кројачот го чека со костумот в рака и со горда мајсторска насмевка, го облекува и застанува пред огледалото. Гледа: едната ногавица покуса! „Што е ова, мајсторе“, прашува, а овој му објаснува: „Види сега, тоа ти е оти не стоиш рамно, туку поткрени ја и подвиткај ја малку ногата и сè ќе дојде во ред“. Прави нашиот јунак како што му е кажано, и навистина: во новата позиција ногавиците изгледаат како што треба. Се потсвртува да погледне отпозади, кога таму се затега накосо брчка преку целиот грб!? „Каква е оваа брчка одзади, мајсторе, па уште и ме затега?“ – „А, немај гајле за тоа: треба само да го подигнеш левото рамо малку… и да го потсвртиш вратот, ете така, и – гледаш? – ја нема веќе брчката“, сугестивно го опслужува мајсторот. И, така – да ја скратам приказната – на секоја фалинка на костумот, мајсторот виртуозно му го подместува телото на нашиот јунак, до завршната глетка во огледалото, каде што веќе нема што да му се забележи на кројачкото ремек-дело.
Плаќа чесно нашиот јунак за услугата и излегува директно во чаршија како паун да се пофали со своите нови перја. Проаѓа покрај првата кафеана, строго внимавајќи да ги испочитува сите позиции и движења на телото што мајсторот му ги кажа, со недоветно поскокнување и подвиткување на ногата, со подигнато рамо и потсвртен врат и сите други згрчки, го здогледуваат првите двајца што седат на маса и едниот му коментира гласно на другиот (во оригинал): „Пази кретена, ал свака част: одело му је ко саливено!“

Повторување на грешките

Вицот е толку стар, почитувани читатели, што она „пази кретена, а одело му ко саливено“ стана веќе идиом ширум земјите од некогашната југословенска федерација. Решив да ви го прераскажам затоа што на најдобар начин ги илустрира последиците од состојбата на свест и обрасците на однесување што одбиваат да ги препознаат и признаат сторените грешки, и наместо да учат од нив и да се потрудат да ги исправат во следниот обид, тие упорно ги маскираат со повторување – демек, тоа не биле грешки, туку така требало да биде! И, така сè додека токму грешките не станат нивниот нов идентитет и нивната вистинска природа.
Политиката на јавно и демонстративно повторување на грешките, па дури и нивно нормирање од позиции на власт, беше основната карактеристика на децениското владеење на ВМРО, а гледаме дека тој образец на однесување ги карактеризира чуварите на вмровскиот „свети грал“ и ден-денес. Тоа сега не би го привлекло моето внимание, а уште помалку би ме загрижувало, да не согледувам – во ужас! – дека психологијата на одбивање да се признаат грешките, што од темел ја оневозможува нивната корекција, стана, со тек на ѓаволското време, што ли, колективна карактеристика на библискиот народ, еден вид нов идентитет што е составен не само од нормализација на грешките, не ниту само адаптација кон нормалноста на нивното перзистентно изопачено постоење, туку вистински колективен идентитет, природа, менталитет. Ние, всушност, ги одгледуваме грешките што ги направивме и што ги правиме како да се наше најбесценето културно богатство, како наша суштина, душа, традиција и арматура на зданието на нашето самочувство!
И повеќе од тоа: леснотијата и тишината, блескавата егзекутивност, самодоверба и гордост со која ги правевме – или го дозволувавме правењето на катастрофалните грешки во минатата деценија, и воедно несовладивата инерција, дури активен отпор, нешто како стаписаност предизвикана од табу, кога денес треба да ги исчистиме гомната што сме ги расфрлале по сопствената култура, по сопствениот јавен простор, и подлабоко – по сопственото самоспознавање, укажува дека обрасците на однесување усвоени во деценијата на владеење на партиско-мафијашката диктатура на ВМРО, ги усвоивме како нормалност со која сме решени да буткаме и во незнајната иднина. Тоа што поминувајќи низ светот со новоскроеното вмровско оделце, предизвикуваме унисони реакции на нормалните набљудувачи од планетарната чаршија: дека сме кретени со оделце ко лиено (во стиропор!), тоа очигледно веќе не ни пречи, доколку некогаш воопшто и ни пречело.

Кретенизацијата вградена во идентитетот

Зашто, доколку ужасот на „Скопје 2014“, кој активно нè идентификува како нација на кретени, не само што не ни пречи на вкусот, не ни ги навредува сетилата, не ни мириса на канализација, туку не го навредува ни нашето достоинство, ниту пак нашата морална интуиција, тогаш тој товар гомна во центарот на престолнината навистина нè репрезентира! Нема друга: леснотијата со која тетеравиме со недоветно подрипнување, со свиткана лева нога, малку подгрбавени и со извртен врат, е очигледен доказ дека не само што нашата појава не ни пречи, не само што одвратно скроеното франкенштајнско оделце не го доживуваме како лошо, туку напротив – тераме гордо напред, утврдувајќи ја со време сопствената кретенизација како вроден „со векови“ граден идентитет за кој „не се преговара“ и за кој веќе ниту сакаме да правиме муабет.
Та, иако успеавме да се ослободиме од хегемонијата на вмровската глупост и, еве, чекориме низ коридорот на славата во меѓународните и геополитичките односи, кретенското оделце и уште поглупавото недоветно тетеравење упорно ги носиме со себе, каде и да одиме. И, доколку не сфатиме дека грешките за една рационална човечка цивилизација постојат само како поука за корекција на состојбите и однесувањето, кретенското оделце и мизеријата на сопствената глупост ќе бидат единствените културни придонеси на нашиот пат во Европа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...