Поради одржување на неколку спортско-рекреативни манифестации на подрачјето на главниот град во текот на викендов (10 и 11.11.), Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен сообраќаен режим заради безбедно одвивање на најавените настани.
Утре и задутре во периодот од 7 до 12.30 часот, во организација на АКК СКОПЈЕ – Скопје, ќе се одржи ридско-брзински натпревар во автомобилизам „Водно II 2018“, и тоа на потегот од Олимписко село до Средно Водно, во должина од 3.950 метри. Поради тоа ќе биде забрането сообраќање со возила од улицата “Тодор Александров“ (кај Олимписко село) кон средно Водно.
Во недела од 11 до 14 часот, во организација на Сојузот на спортови на Скопје, ќе се одржи спортска манифестација „Скопје на точак 2018“ со старт од фонтана „Лотус“ во Градски парк. Трасата на движење потоа оди право по булеварот „Илинден“, лево по улицата „Љубљанска“, право по улицата „Московска“, лево по улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“, право по улицата „Димитрие Чуповски“, право по улицата „11-ти Октомври“, лево по булеварот „Кочо Рацин“, право по булеварот „Крсте Петков Мисирков“, лево по булеварот „Гоце Делчев“, десно по булеварот „Илинден“ со крајна цел повторно кај фонтаната „Лотус“ во градски парк, во Скопје. Во периодот на одржување на настанот овие сообраќајници етапно ќе бидат затворани.
Во недела од 15 до 17 часот, во организација на Атлетска федерација на Македонија, ќе се одржи Атлетска ноќна улична трка по повод празникот „13-ти Ноември“, денот на ослободување на Град Скопје, со старт на плоштад Македонија, потоа право кон Триумфална капија, лево во подземниот премин на Градски трговски центар, десно по улицата „Филип Втори Македонски“ (покрај Градската општа болница), десно по булеварот „11-ти Октомври“, право по улицата „Димитрие Чуповски“, десно по улицата „Никола Вапцаров“ во правец на плоштад Македонија и со крајна цел кај плоштадот Пела под Триумфалната капија, во Скопје. Во текот на одвивањето на трката (во женска и машка конкуренција) овие сообраќајници ќе бидат затворени за сообраќај.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат најавените манифестации.