За половина година продолжена кризната состојба на јужната и северната граница

60

Со одлука на Собранието до 30 јуни следната година е продолжена кризната состојба на подрачјата на јужната граница и северната граница на Република Македонија.

Одлуката беше донесена со 68 гласа „за „ и пет „воздржани“.

Кризната состојба се продолжува на предлог на Владата поради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Македонија, образложи заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски на расправата во тек на 65. седница на Парламентот.

Првата одлука за кризна состојба на двете граници беше донесена во август 2015 година за период од еден месец, по што во пет наврати беше продолжена Дел од пратениците во тек на расправата побараа да се отвори дискусија како Македонија во иднина ќе го менаџира овој процес со оглед на намалениот обем на мигранти, а во контекст и на тоа дека е непотребен ангажманот на АРМ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев рече дека ќе ја поддржат одлуката, но побара трајно решение за менаџирање на состојбата. – Ако се земе предвид дека потенцијалот на кризата ќе биде минимум уште 10 – 15 години вака ли ќе го менаџираме овој проблем. Да размислиме за потрајно решение, рече Димитриев.

Со неговото излагање се согласува и пратеникот Павле Богоевски од СДСМ, кој се изјасни дека ќе гласа „воздржано“ затоа што и покрај укажувањата за намалениот обем на мигранти не се прави преформулација на одлуката со образложение на постоење ризик.

Собранието, во рамки на 65. седница усвои и одлуки за испраќање 12 припадници на Армијата на Република Македонија во Командата за обука, советување и асистирање – Север, во Мазар е Шариф во Авганистан, во наредните шест месеци, како и еден припадник припадник на АРМ на позиција штабен офицер во Команда на ЕУФОР „АЛТЕА“ од следниот месец до јули следната година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...