Пратениците со 50 гласа против не изгласаа да се расправа за предлог законот за амнестија на лицата обвинети, осомничени и осудени за собраниските настани од 27 април, предложен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Никола Мицевски, кордонатор на ВМРО-ДПМНЕ, потсети дека предлогот на закон за амнестија по скратена постапка е доставен пред неколку дена, а дека спротивно на законските прописи, собранискиот спикер Талат Џафери не го предложил за дневниот ред на денешната седница.
– Сведоци сме дека седум, осум закони поминаа по скратена постапка денеска, иако информациите за нив ги добивме предмалку – реагираше Мицевски потсетувајќи на интенциите за политичко помирување иницирано од премиерот Зоран Заев.
Тој порача дека поддршката на овој закон е во насока на помирување, а во спротивно ќе значи дека сѐ било политикантство и играње со нечии судбини.