Културно музичката манифестација „Виенски бал 2018“ ќе се одржи во сабота во хотелот „Александар палас“.
Организаторот, Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“ и покровителот, амбасадата на Република Австрија во Македонија 19 години по ред, без прекини, овозможуваат и македонската метропола да има оригинален виенски бал, а со тоа да биде рамо до рамо со сите светски метрополи каде се одржуваат овие манифестации во рамките на културната понуда. Од минатата година, „Виенски бал Скопје“ е ставен и на светската мапа на виенски балови, а поради долготрајноста и успешноста во организирањето на балот кај нас, годинава организаторот доби и поздравно писмо од градоначалникот и гувернер на Виена, Австрија, д-р Михаел Хојпл, кој го поздравува организирањето на традиционалниот централен настан на општествениот живот во Виена и во Скопје.
„Виенски бал“ во Скопје има и хуманитарната нишка што значи дека секоја година се обезбедуваат и средства за поддршка на оние на кои им потребна, а годинава тоа граѓанската организација на лица со и без хендикеп, која работи на суштинско поврзување и целосно остварување на основните човекови права и слободи на лицата со хендикеп „Полио плус“.
Во рамките на програмскиот дел, професионалниот оркестарот Јохан Штраус ќе музицира под диригенство на Бисера Чадловска. Грациозните танчери на Танцовиот клуб „Прима Данца“ ќе ја воодушевуваат публиката со атрактивни танцови точки, а магијата на балетските точки на сцената на Балот ќе ја донесат првенците на Балетот при МОБ – Марија Кичевска и Бобан Ковачевски.
Гостите ќе имаат можност да уживаат во настапите на „Тумбао салса бенд“, Нина Јанева, Горан Папас и „2Еxit“.
Како и секоја година, дрес-кодот на Балот е задолжителен: долги тоалети за дамите и смокинг или темен костум за господата. Водителката на Балот, Јована Стојменовиќ, ќе носи креација на реномираната дизајнерка Антонија Ристовска.