По физичкиот напад врз медицинската сестра Љ.П. (34) што се случи вчера изутрина на КАРИЛ, мајката на пациентката која таму починала, 58-годишната В.С. од Тетово, која и вербално и со закани по живот ја нападнала вработената, ќе добие прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир.
Од полицијата за Плусинфо соопштија:
– Во врска со вчерашниот физички напад во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде физички беше нападната Љ.П. (34) од Скопје, по преземени мерки од Полициската станица Центар изготвен е записник против В.С. (58) од Тетово за констатиран прeкршок по член 12 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
Сестрата е на боледување, а поради стресот што го претрпела, кога вчераутро доаѓала на работното место, таа ќе биде испратена и на психолошка проценка.
Нападот врз уште едно медицинско лице од вчера ги вознемири вработените на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, Ургентниот центар, но и во другите клиники и јавни здравствени установи.
За да се зголеми безбедноста на вработените, се очекува полицајци да почнат да дежураат пред КАРИЛ и пред Ургентен центар, но и на Гинекологија, на Клиниката за детски болести…
Ова вчера го најави министерот за здравство, Венко Филипче, кој нагласи дека ја разбира загубата на блиските на пациентот кој починал, но, како што рече, не разбира и не поддржува под никаков изговор, физичко, психичко или какво и да било насилство врз медицинскиот персонал, кој деноноќно се грижи за здравјето и животот на пациентите.
Министерот, заедно со в.д. директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсова, најостро го осудија инцидентот врз вработената на Клиниката.
Во име на сите вработени на КАРИЛ, д-р Мојсова апелираше „граѓаните да нѐ остават да си ја вршиме нашата работа и да се воведе заштита пред влезот на клиниката. Никој не може да работи во услови кога има ваков мобинг, ниту пак закани по живот и семејство!“
Таа потврди дека медицинската сестра нема тешки телесни повреди, а дека била удрена и навредувана.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера изрази подготвеност полицајци да дежураат пред неколку здравствени установи.
Денеска и Унијата на ЗМСТАС, предводени од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – ЗА НАС, најостро ги осуди насилствата во здравството.
– Физичкиот напад над медицинската сестра, која била на своето работно место, е атакт и на целата фела. Зарем покрај сите голготи со кои се соочуваме изминативе години и со кои се обидуваме да се избориме за нашите права, сега сме во ситуација кога треба да се плашиме и за својот живот? Аларманта е состојбата во здравството – безбедноста при работа е едно од основните начела кое треба да го има секоја професија – изјави сестра Гордана Бешлиовска, претседателка на Унијата.