Што е чест…?

Со многу пари може да се купи се. Со сите пари на светот не може да се купи честа... Што е чест...? Хе...

1165

Со доволно пари можеш да купиш се што ќе ти биде доволно. Можеш пристојно да си го обезбедиш животот, да не мољакаш за пишанки во маалска продавничка, да не ги заобиколуваш тезгите на пазарче, да се ценкаш со накупците пред отворените церади на камионите, редовно да си ги плаќаш сметките. Со доволно пари можеш да си дозволиш и да се облекуваш од тезгите во Шутка, или оние на Бит пазар, да носиш нови, ама евтини чевли од непознат производител. Со доволно пари можеш да спиеш мирно, да не стравуваш ако вратите од домот си ги оставил отворени, ако звукот на телефоните ти е ставен на максимум. Со доволно пари можеш да бидеш свој на своето, да не должиш никому, да немаш потреба од кредити и други видови позајмици, секојдневно да пополнуваш ливчиња во спортски обложувалници, да купуваш грепки и лозови. Не. Со доволно пари можеш да бидеш среќен во мирот на сонот под твојот јастук, а утринското кафе да ти биде ритуал на незаменливо задоволство од среќата во насмевките на оние кои заедно се разбудиле со тебе…

Со многу пари несомнено располагаат стотина од таканаречените политички елити во транзициска Македонија, и неколкумина, исто таканаречени транзициски бизнисмени, (чест на исклучоци за кои точно знам како го стекнале богатсвото). Не ми е муабетот за нив, туку за оние кои ги потенцирам и кои јасно може да се препознаат во нашата средина дури и тогаш кога не се присутни во јавноста, во медиумите во чаршијата. За таквите ми е муабетот…

Со многу пари можеш да возиш скапи автомобили, можеш да си го платиш лекувањето, операциите не ти се проблем, во најскапите светски приватни болници сите врати ти се ширум отворени, затоа што знаат дека имаш многу пари, затоа што со приватен авион или хеликоптер те носат до дестинацијата, никој за твојата операција нема да има потреба да организира хуманитарни акции за собирање парични средства, можеш да го затегнеш лицето и да глумиш младост во длабока старост, дури можеш да си го напумпаш даскестиот женски газ, да ги набабриш усните и образите,  цицките да ти станат балони, можеш да ги светнеш забите ко црнец у дискотека, или да го зголемиш машкиот полов орган. Со многу пари можеш да имаш безброј станови и куќи, хациенди, јахти и луксузни колиби на рајските плажи. Со многу пари ТИЕ можат да имаат се’, ама ништо од она што е напишано погоре, никогаш доволно. Затоа, ноќите им се кошмари, утрата им се тмурни дури и тогаш кога сите најблиски се околу нив, наместо да им се насмевнуваат и да ги гушкаат сите им бараат пари, сите зрачат со студенило наместо топлина, нема љубов, нема искрена почит. Куќите им се заобиколени со непробојни огради и камери на секое ќоше, со високопотшишани нискописмени дебеловратни стражари. Никој не е среќен. Тие веруваат дека нивната среќа е во нашата несреќа, дека нивното богатство е во нашата сиромаштија.Тие, дење се ловци, ноќе се плен…

Проблемот е во тоа што ТИЕ мислат дека доволно пари се 200 евра месечно за среќно четворочлено семејство, и ја докажуваат својата расипаност, својата нечесност, аздис и егоизам, па допишувајќи се еден со друг глумат патриотизам и чесност…

Со многу пари може да се купи се. Со сите пари на светот не може да се купи честа… Што е чест…? Хе…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...