Критично ниско нивото на Охридското Езеро, можен масовен помор на риби

725
Итни мерки за спречување на натамошно намалување на водостојот на нивото на Охридското Езеро, побара денеска Општината Охрид од надлежното Министерство за транспорт и врски. Негативните последици од нискиот водостој особено се изразени во Студенчишкиот канал каде се забележува недостаток на кислород што се забележува во однесувањето на рибата.

Во дописот до Министерството се истакнува дека намалениот водостој на Езерото се заканува да прерасне во посериозен проблем што се заканува да предизвика сериозни последици по рибниот фонд. Експертите истовремено посочуваат дека рибата поради нискиот водостој излегува на површина и наскоро може да се случи масовно да угинува поради недостаток на кислород.

Во неколку наврати и еколошките активисти побараа да се стопира испуштањето вода од езерото.

За превенирање на посериозни последици, Општината веќе спроведе одредени активности, преку исклучување пумпите за вода од каптажата „Билјанини Извори“ наменети за потребите на ЈП „Водовод“ и пренасочување на водата во Студенчишкиот канал.

Проблемот со водостојот на езерото дополнително го усложнуваат неповолните временски околности, односно сушниот период без најави за врнежи.

Недоволното количество свежа вода во Студенчишкиот канал, односно ниската концентрација на кислород, се манифестира со вознемиреност кај рибата и нејзинотo  невообичаено однесување, а истото може да води до асфикација односно задушување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...