Консензуален кандидат за шеф на државата, ќе биде тема за која владините партнери Зоран Заев и Али Ахмети ќе разговараат по завршувањето на уставните процедури за Договорот од Преспа, потврдуваат за Плусинфо од СДСМ и од ДУИ. Според ова, во втората половина на јануари би требало да се знае дали Заев и Ахмети ќе се договорат дали заеднички ќе застанат зад еден кандидат за претседател на државата на изборите кои треба да се одржат во април идната година.
Висок владин функционер за Плусинфо брифира дека сѐ уште е многу рано за тоа.
– Пред да завршат уставните процедури не е сериозно воопшто да размислуваме за консензуален претседател – вели функционерот.
И висок функционер од ДУИ вели дека за консензуален претседателски кандидат Ахмети и Заев сериозно ќе разговараат по завршувањето на уставната процедура во Собранието.
Сепак, тој додава дека ова прашање било повеќе пати тема на средбите помеѓу Ахмети и Заев.
– Заедно со СДСМ го туркаме консензуалниот концепт уште од соработката за локалните избори лани. Битен е принципот на консензуалност. Битно е кандидатот за претседател да е прифатлив за сите, да е надпартиски, а второстепена е неговата етничка припадност – вели функционерот на ДУИ.
Пред една година висок владин функционер од СДСМ брифираше дека позитивно гледа на идејата за консензуален претседателски кандидат. Тогаш позицијата беше дека името на кандидатот за шеф на државата е битно од аспект на прифатливост од мнозинството граѓани, односно кандидатот да биде прифатлив за повеќе од 50 отсто од граѓаните. Дека кандидатот за кој евентуално би се договориле треба да е победник на изборите, односно нов шеф на државата.
Можноста земјата да добие консензуален кандидат за претседател првпат Ахмети ја пласираше на последните локални избори. Тогаш лидерот на ДУИ рече дека би било добро таква соработка како за локалните избори да има и за изборите за шеф на државата.
– Сакаме да почнеме да подготвуваме простор за во иднина да имаме и заеднички претседател, консензуален, прифатлив за двете страни, страни кои претставуваат и имаат легитимитет, како од албанската заедница, така и од македонската, да се согласат за заеднички претседател на државата – изјави Ахмети лани.
Ахмети вчера во интервју за ТВ Клан Македонија рече дека ДУИ сака консензуален претседател и дека може да се зборува и за имиња, но за тоа било многу рано.