Полицајци ќе дежураат пред КАРИЛ и пред Ургентен откако мајка на пациент натепа сестра

3622

Полицајци ќе дежураат пред КАРИЛ и пред Ургентен центар, по нападот што се случи на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, чии вработени деноноќно се борат за животите на најтешките пациенти.

– Најостро го осудуваме инцидентот врз вработената на КАРИЛ, како и секој друг вид на насилство. Ја разбирам загубата на блиските на пациентот кој починал, но не разбирам и не поддржувам под никаков изговор, физичко, психичко или какво и да било насилство врз медицинскиот персонал, кој деноноќно се грижи за здравјето и животот на пациентите. Насилството е недозволиво и не е начин на кој треба да комуницираат пациентите и лекарите – изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче, по немилата случка на КАРИЛ, каде ноќеска околу 2 часот роднина на починат пациент удрил медицинска сестра која го водела случајот.

Неофицијално дознаваме дека мајка на починато девојче ја нападнала медицинската сестра, а по неа полицијата се уште трага.

Сестрата, која е на возраст од околу 30 години, освен физички, била и вербално нападната пред влезот од установата, а добила и закани по животот. Таа сега ќе биде на боледување, а поради претрпениот стрес ќе биде испратена и на психолошка проценка.

Директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсова, видно возбудена од нападот на вработената, апелираше:

– Често се случува нашите вработени, кои се грижат за најтешко болните, да бидат на удар на пациентите. Сестрата била буквално изненадена од нападот. Многу е вознемирена, како и целиот персонал. Денес се работи во тешки услови. Во суштина многу често се случуваат вакви работи. На Ургентен и на КАРИЛ сме да удар на роднините на пациентите. Не смееме правдата да ја земеме во свои раце. Најостро го осудуваме овој акт и апел од сите вработени на Клиниката е граѓаните да нѐ остават да си ја вршиме нашата работа и да се воведе заштита пред влезот на клиниката. Никој не може да работи во услови кога има ваков мобинг, ниту пак  закани по живот и семејство! – изјави д-р Мојсова.

Таа појасни дека медицинската сестра нема тешки телесни повреди, таа била удрена, а поради стресот кој го преживеала, ќе мора да оди на боледување.

Д-р Мојсова раскажуваше дека влезната врата од Клиниката не може ниту да се затвори ниту да се заклучи поради насилните упади на дел од роднините на пациентите.

За предлогот да се воведат полициски дежурства пред неколку клиники, меѓу кои и на Гинекологија и на Клиниката за детски болести, освен на КАРИЛ и пред Ургентниот центар, министерот Филипче веќе денеска ќе разговара со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Спасовски уште ноќеска бил информиран за немилиот настан.

Пред неколку години, беше застрелан хирург на Клиниката за абдоминална хирургија во Скопје, од страна на роднина на пациентка која починала по операција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...