Забраната за движење моторни возила на Водно засега останува во сила. Понатаму ќе соопштиме дали и какви мерки ќе преземе Град Скопје, соопшти денеска скопскиот градоначалник и претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС), Петре Шилегов.
На новинарско прашање дали ќе ѝ го дадат споменикот на Андон Јанев-Ќосето на општина Сопиште, тој рече дека Ќосето е сопственост на Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, а за него се води и судска постапка.
– Споменикот е предемет на судска постапка поради тоа што Здружението го нема платено. Не е сопственост на Градот за да го доделува и ниту Сопиште има право да бара од Град Скопје нешто да му биде доделено. Сопиште може да посака што сака, но мора да постои ред, поредок за тоа кој, што и како може да добие – посочи Шилегов по потпишувањето Договор меѓу Министерството за транспорт и врски и ЗЕЛС за пренесување на правото на трајно користење, управување и одржување на информацискиот систем www.gradezno-zemjiste.mk
Тој нагласи дека се анализира состојбата со спомениците од проектот „Скопје 2014“ и додаде оти сите споменици не се под Град Скопје.