Приредувачите на игри на среќа многу пати досега, како грижа кон своите клиенти, предупредуваа дека постоечкиот начин на пресметување на персоналниот данок на добивка на секој исплатен тикет, без да биде земена предвид уплатата од другите недобитни тикети на клиентите (како даночно ослободување), е погрешен и нефер начин на пресметување на „добивките” на играчите.
Оданочувањето со 10 отсто персонален данок на секој добитен тикет, што се воведе уште во 2014 година, постепено финансиски ги исцрпе граѓаните и огромна цифра се слеа во државниот буџет. Приредувачите на игри на среќа велат дела државата инкасирала дури 38 милиони евра само од обложувалниците. Сега, со зголемувањето на данокот на капитална добивка на 15 отсто, дополнително се таргетира оваа група граѓани, од кои ќе се соберат нови 17 милиони евра, повторно со пресметка на неправилен начин.
Затоа приредувачите велат дека е крајно време да се примени правилен и законски начин на пресметка на тоа што значи „добивка за играчот“, односно да се воведе т.н. интервал на оданочување на игри на среќа. Што значи тоа? Во тој предвиден интервал треба да се земат предвид сите уплатени и сите исплатени тикети на играчот, па доколку истиот биде во позитива, односно ако играчот остварил реална добивка, да му се пресмета персонален данок на позитивната разлика.
Интересно е дека овој принцип на уплата-исплата, односно средства вложени во „текот на играта“, играчите на игри на среќа во автомат-клубови и во казината на некој начин и го користат. Тие не плаќаат персонален данок, односно плаќаат данок само на значително добивки (Џек Пот), за разлика од обложувалниците, каде секој добитен тикет се оданочува.
Разликата на платени буџетски средства по основ на персонален данок од игри на среќа помеѓу обложувалниците и автомат-клубовите е огромна и нереална, велат приредувачите. И сега, со новите даночни решенија, наместо регулаторот да го земе овој проблем предвид и да ја исправи грешката, дополнително се ставаат во нерамноправна положба играчите во обложувалниците.
Фер ли е едни играчи да плаќаат данок на добивка од 15 отсто, данок што слободно може да се крсти и „данок на загуба“, а други да бидат и да не плаќаат ништо? Експертите предупредуваат дека принципот на фер однос е еден од најважните при спроведувањето даночни реформи.
Повеќе:
Даночната реформа си има и скриени адути – на удар „капиталистите“ од обложувалницитe