На самитот на Европската народна партија (ЕПП) во Хелсинки, на која учествуваат две делегации од ВМРО-ДПМНЕ, влијателната Дорис Пак, после средбата со Христијан Мицкоски, се огласи со твит со невообичаено остар тон, кој сведочи за крајно непријатен разговор што таа го имала со претседателот на македонската партија.
„Неприфатливо е осумте пратеници од ВМРО кои гласаа за договорот со Грција и за европска иднина на земјата да се третираат како криминалци. ЕПП тоа не смее да го толерира!“ – остро пишува Дорис Пак.
Тонот на оваа порака укажува на тоа дека после средбата со еврокомесарот Јоханес Хан, во која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ доби прецизна порака дека ратификацијата на Договорот од Преспа мора да се финализира брзо и без никакви пречки, разговор при кој Хан ја поздравил „неговата заложба да не го опструира процесот во Собранието“, Мицкоски пак се обидел да заигра тврдо, во разговорот со германската политичарка Дорис Пак, која е водач на асоцијацијата на жените на ЕПП.
Но, очигледно е дека неговата реторика, дополнета со вестите за настаните во Македонија и за новите притисоци врз проевропските пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои стасуваат до Хелсинки, предизвикуваат жестоки реакции кај сестринските партии, кои не се спремни да го толерираат однесувањето на раководството на Мицковски.