Заев: АСНОМ не се брише, името ќе биде Република Северна Македонија

567

Нацрт амандманите беа достапни за целата јавност, тие ја заслужуваат поддршката од сите пратеници. Во нив нема ништо што е спротивно на меѓународното право, рече премиерот Зоран Заев кој во детали ги образложи предложените амандмани.

– Пратениците, со поддршка на иницијативата, ќе покажат дека се за европска индина на Македонија – рече Заев пред Уставната комисија.

Тој потенцираше дека АСНОМ не се брише од Преамбулата на Уставот на Република Македонија туку напротив, дека ќе се содржи двапати. Во Преамбулата ќе се додадат и зборовите Охридски рамковен договор со што ќе се потврди историското значење за нашата држава, истакна премиерот Зоран Заев во образложението на нацрт-амандманите на Уставот на денешната седница на Комисијата за уставни прашања.

Седницата на Комисија за уставни прашања може да трае 12 дена. Пленарната седница претседателот на Собранието Талат Џафери, кој истовремено е и претседател на Комисијата, ја закажа за 1 декември.

Собранието на 19 октомври со 80 гласови „за“ донесе одлука за пристапување кон уставни измени, согласно Договорот од Преспа. Осуммина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаа „за“ уставни измени.

Утврдувањето на нацрт амандманите на Уставот од страна на Собранието е втора фаза од постапката за измена на Уставот. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас, додека третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.

Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови.

Собранието со најмалку 61 глас треба да ги утврди нацрт-амандманите, по што тие одат на јавна расправа, чие времетраење го утврдува Парламентот.

По оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Предлог амандманите треба да бидат разгледани од Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.

Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...