Мицевски: Заев и Џафери сакаат низ мала врата да ги протнат уставните измени

415

Власта бега од транспарентна дебата со опозицијата за најважните прашања во државата, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

– Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и Талат Џафери сакаат дебатата за уставните амандмани да помине далеку од очите на јавноста. Очигледно тие се плашат да дебатираат со пратениците од опозицијата за ова прашање од највисок интерес. Поради тоа денеска дебатата од Комисијата за уставни прашања, каде се дебатира за највисокиот акт во државата и за прашање од национален и државен интерес не се пренесува во живо на собранискиот канал. Ништо од транспарентноста која што ја ветуваше оваа власт. Парламентарното мнозинство, Зоран Заев и Талат Џафери повторно како многупати досега сакаат и уставните измени да ги протнат низ мала врата, подалеку од очите на македонската јавност – изјави Мицевски.

Тој ги прозва СДСМ и Џафери зошто првата седница на Уставната комисија, кога се утврдуваше предлогот за пристапување за измена на Уставот на Република Македонија  беше пренесувана во живо, а сега, како што рече, кога треба да се дебатира за предлог амандманите, седницата не се пренесува во живо.

Станува збор, посочи Мицевски, за прашање од највисок интерес за граѓаните на Република Македонија и Собранието има и законска обврска оваа дебата да ја емитува во живо на собранискиот канал.

– Согласно член 32 став 1 од Законот за Собранието на Република Македонија Собранието има програмска одговорност за емитување на програмскиот сервис наменет за емитување на активностите на Собранието. Затоа ние пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ бараме и инсистираме седницата на Комисијата за уставни прашања да се пренесува во живо на собранискиот канал – нагласи координаторот на пратеничката група на опозицијата.

Седницата на Комисијата за уставни прашање се очекува да продолжи во секој момент, откако пред еден час на самиот почеток беше прекината по барање на ВМРО-ДПМНЕ да се даде пауза од еден час. Претходно, Мицевски на седницат бараше од Џафери да има директен пренос, но собранискиот спикер одговори дека со присуството на голем број медиуми на седницата, јавноста, сепак, е присутна.

На седницата се појави и Никола Груевски кој е член на оваа комисија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...