За да се подобри достапноста на здравствените услуги за граѓаните во општина Неготино, матичните лекари ќе бидат вклучени во дежурствата во службата на Итната Медицинска Помош. За првпат се воведува вклучување на приватните лекари во дежурства во службата на ИМП во Здравствен дом Неготино, а по потреба, ќе се шири и во останатите општини каде има недостаток на лекари во ИМП – соопштија денеска од Министерството за здравство.
На вчерашната средба на Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигугрување, Здравствен дом Неготино и матичните лекари, е донесена одлука да се обезбеди 24-часовна здравствена заштита на граѓаните во општината.
Поради недостиг на лекари во Итната Медицинска Помош, а во согласност со договорените обврски помеѓу Здравствен дом Неготино и матичните лекари, истите се обврзани да обезбедат 24-часовна здравствена заштита на населението.
Обезбедување здравствена заштита на населението е врвен приоритет на Министерство за здравство. Договорна обврска на матичните лекари кои имаат склучено договор со ФЗОМ е да учествуваат во системот на дежурства.