Колкумина македонски „фантоми“ се во ЕУ

937

Вкупно 389.815 дозволи за престој им се издадени на македонски граѓани во членките на ЕУ до крајот на минатата година. Без оглед како ќе се протолкува насловот на овој текст, оваа бројка од најновата статистика на Евростат има свое јасно значење во однос на една земја која речиси веќе две децении нема спроведено попис на населението, а што отвори и широк простор во јавната дебата за лансирање на политичка симболика од типот на бројни „фантоми“ што фигурираат во Избирачкиот список.

„Привлекувањето на дијаспората за враќање и инвестирање“ е исто така уште едно прашање околу кое во изминатите децении континуирано се гради силна политичка симболика, преку актуелизирање на разни политички заложби и стратегии, но кое редовно завршува како „пукање во празно“, проследено во медиумите со омаловажувачки коментари, потценување, манипулации и дефокусирање од суштината на проблемот.

Поради хроничниот недостиг на кредибилни статистички податоци за демографските движења во Македонија, актуелната статистика на Евростат секако барем делумно ја пополнува таа празнина. Во случајов со издадени дозволи за престој и работа во ЕУ, се разбира, не се опфатени само македонските граѓани кои добиле такви дозволи во последните неколку години, туку и оние кои живеат во ЕУ-членки и од поодамна, но, сепак, овие податоци доволно конкретно зборуваат за карактерот и обемот на емигрирањето од Македонија кон европските земји, и тоа најмногу поради барање работа и семејни причини.

Овие приближно 400.000 дозволи за престој во ЕУ, иако такви корелации не можат директно да се прават, се всушност во обем од околу 20 отсто од населението во Македонија, доколу се има предвид последната официјална пописна бројка – околу два милиона жители во 2002 година.

Статистичките бројки на Евростат стануваат уште поинтересни доколку се погледнат и околните балкански земји. На граѓаните на Србија, на пример, им се издадени околу 860.000 дозволи во земјите членки на ЕУ, а што изнесува околу 12 отсто од вкупното население во земјата, а граѓаните на Косово добиле околу 585.000 дозволи, што изнесува околу 32 проценти од косовското население. Со нешто повеќе од 2,8 милиони население, посебно е интересен примерот на Албанија, за чии граѓани се издадени повеќе од 1.700.000 дозволи во ЕУ.

Доселувањето на мигранти е најзначајниот фактор што влијае на порастот на наслението во ЕУ. Без доселувањето и приливот на нови мигранти се проценува дека населението на Унијата значајно би се намалувало. Порастот на мигранти во ЕУ во целина во периодот 2000-2017 бил пет пати поголем од бројките што произлегуваат од разликата на родени и умрени. Сепак, таквите трендови не се однесуваат и на балкански земји што се членки во ЕУ (Бугарија, Романија, Грција и Хрватска), во кои вкупната промена на населението постојано е означена со минус.

Евростат води и статистика во однос на демографските процеси на регионално ниво во Европа, вклучувајќи ги и регионите во одделни земји. Со податоците за регионалните разлики на ниво на одделни земји е опфатена и Македонија, при што се наведува дека од осумте македонски региони во периодот од 2000-2016 година е забележан позитивен прираст на наслението меѓу 0,35 и 0,75 проценти, во Полошкиот, Североисточниот, Скопскиот и Вардарскиот регион, додека во Југозападниот, Југоисточниот, Пелагонскиот и Источниот е присутен негативен прираст меѓу нула и 0,9 проценти. Во однос, пак, на иселувањето речиси сите македонски региони во периодот 2000-2016 година бележат минусно салдо.

Инаку, гледано според земјата на потеклото на граѓаните што добиле дозволи во ЕУ, бројките што се однесуваат на македонските граѓани сепак не се доволно прецизни, и веројатно се уште поголеми, имајќи предвид дека многумина од Македонија емигрираат како двојни државјани. За дел од македонските граѓани не постојат формални пречки за движење во рамки на Шенген-зоната, бидејќи користат бугарски патни исправи и добиваат жителство и право на престој и работа во западните ЕУ-членки како ЕУ-граѓани од Бугарија. Во европската статистика тие се сортирани под графата за емигранти од Бугарија и како такви учествуваат со процентуален придонес во бројката на бугарски државјани што живеат во други ЕУ-членки, а која во изминатите десеттина години е зголемена за осум проценти. Според разни податоци, над 70.000 македонски граѓани досега се здобиле со бугарско државјанство.

Миграциите кон ЕУ се несомнено главниот приодонес што внесува динамика и ги засилува позитивните демографски показатели во голем број членки. Како земја со мало население, Македонија несомнено значајно придонесува кон таквите демографски процеси. Поради сиромаштијата и тешките животни услови, невработеноста, ниските плати, длабоката поларизација во општеството, партизираноста на сите нивоа и нефункционалните институции, многумина македонски граѓани продолжуваат излезот да го бараат во странство.

Затоа приказната околу „фантомите“ регистрирани во Избирачкиот список, не само што зјапаше како сениште од сите досегашни резултати на изборите во Македонија, туку и понатаму останува мошне актуелна во однос на напорите за зацврстување, или, пак, загрозување на кредибилноста на изборниот процес. Ниту одржаниот референдум во септември не остави простор за поинакви заклучоци.

Меѓу „изборните фантоми“ во Македонија сигурно има и голем број „мртви души“, но нема никакво сомневање дека веројатно уште поголем број се иселеници, кои ги следат изборите – но од пристојна дистанца во ЕУ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...