Македонскиот Устав го гарантира правото на протест и тоа е факт. Меѓутоа, тоа не е апсолутно право и за него постојат услови и рестрикции, постојат и други човекови права кои треба да се стават на кантар и да се направи балансирање. На пример, помеѓу правото на протест и правото на слободно движење.
Колку протестите можат да ги загрозат другите права и кои се поважни, се прашања кои секој ден сѐ повеќе се наметнуваат во јавноста откако пред околу две недели започна да владее сообраќаен хаос во центарот на Скопје, пред сѐ, поради четиричасовните блокади пред Собранието на дваесеттината „патриоти“ од Движењето на носителите и бранителите на државниот суверенитет „Македонска преродба“.
Тие со секојдневни протести од четири часа ја блокираат главната улица пред Собрание, бараат оставка од Владата, се противат на Договорот од Преспа и на уставните измени. Тоа право никој не им го спори, но од друга страна, револтот кај останатите граѓани поради гужвите во сообраќајот не може, а да не се забележи во секојдневниот хаос по улиците, во градските автобуси, на социјалните мрежи…
Дел од коментарите се законски да се ограничи бројот на лица кои може да блокираат главни улици, други се во насока дали протестите треба да бидат на едно место или да се организираат како маршеви.
„Во Германија не постојат седечки демонстрации или деноноќно блокирање на улици и плоштади. Дозволено е да се маршира по улица и да се одржи митинг или говор од 1-1,5 саат или да се оди на полјана и таму може да се седи и месец дена. Улиците се урбани артерии и нив полицијата мора брзо да ги расчисти заради функционални, безбедносни и практични причини, прво милом, а после обавезно и силом. Не смееме да сечеме со два аршина бидејќи и „шарените“ кампуваа пред Влада бааги долго, ама бидејќи сега ете правдата е задоволена мора под итно да се смени законот и да се дозволи демонстрирање 2-3 саати во град, а после кој сака подолго само на Хиподром или во Сарај. Градовите мора нормално да функционираат“, пишува скопјанец во еден од коментарите.
Обиди правото на јавен собир да се ограничи со правото на движење во Македонија имаше пред 12 години, но тогаш Уставниот суд пресече дека правото на протест е неприкосновено.
Актуелниот Закон за јавни собири во Македонија предвидува дека се потребни најмалку 20 лица, а рестрикциите се однесуваат на тоа дека протести не може да се организираат само: до здравствени установи за да не се блокира пристапот на возилата на Брза помош и да не се нарушува мирот на болните; до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив; на автопатишта и магистрални патишта со што се загрозува патниот сообраќај.
Какви се ставовите и расположението во политичките партии за законски измени на правото на протест? Додека ги чекаме одговорите од партиите, разговаравме со дел од експертите по право, чиј став е дека правото на протест е демократско и уставно, но не и апсолутно право.
– Ова право не е апсолутно право, постојат рестрикции кои се многу добро објаснети во Европската конвенција за човекови права. Таа е инструмент кој државата го потпишала и треба да го применува и во таа насока треба да се имаат предвид рестрикциите со примена на тие тестови: целта на рестрикциите, потребата на рестрикции во едно демократско општество, балансирање на едните права со другите права итн. – вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права.
Во конвенцијата на која се повикува нашата соговорничка, се предвидува дека секој човек има право на слобода на собирање и здружување, но и оти остварувањето на овие права може да биде ограничено со законски мерки.
„Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други. Со овој член не се забранува наметнување законски ограничувања за припадниците на оружените сили, полицијата или државната администрација“, се наведува во Конвенцијата.