Велешани за водата плаќаат на двајца „татковци“

175

Со водата за пиење во Велес и приградските населби Превалец, Оризари, Речани и угостителските објекти и викендиците на езерото „Младост“ стопанисуваат две претпријатија – хидросистемот „Лисиче“ и ЈКП „Дервен“. И верувале или не, а се заради партиски интереси, „Лисиче“, кое е под Министерството за водостопанство, му ја продава водата на ЈКП „Дервен“, по цена од над шест денари за метар кубен, а „Дервен“ на потрошувачите им ја продава по 30,4 денари по метар кубен. Тоа значи кубен метар вода велешани го плаќаат по повеќе од 37 денари.

Градоначалникот на Велес Аце Коцевски на два пати побара од советниците ново покачување на водата. Советниците не прифатија. Градоначалникот и по трет пат бара од советниците водата да има повисока цена. Дали советниците и од СДСМ, кој се повеќе, ќе прифатат или не?

Велешани преку два самопридонеса го изградија цевководот од Велес до браната на реката Тополка, кај селото Лисиче, во должина од дваесет километри, филтер станицата, која е една од најсовремените фабрики за вода, и целата водоводна мрежа од фабриката до градот и приградските населби, ја изградија со сопствени средства и сега плаќаат висока цена. Згора на ова, за изградбата на браната, од вкупно шеесетте милиони долари, колку што чинеше, велешани дадоа десет, а останатите, преку нафта од државните резерви, на градежниците им плаќаше Владата дали на СДСМ дали на ВМРО-ДПМНЕ.

Народната поговорка вели: „Тате на мама, мама на тате, детето остана без капа“. Токму така. Жителите на Велес плаќаат најскапа вода за пиење. Се поставува прашање зошто две претпријатија во Велес продаваат вода? Вистината ја знаат сите, но, си молчат. Демек „молчењето е злато“. Сепак вистината е една.

Кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век, велешани, за решавање на најгорливиот проблем, водата, распишаа самопридонес. За изградбата на објектите формираа одбор и екипа на десетина стручњаци кои работеа во состав на ЈКП „Дервен“. Се направи фабриката за вода и се поврза со цевковод со градот. Се изгради цевководот од фабриката до селото Лисиче и почнаа работите на браната на реката Тополка. Тука се запре. Транзицијата си го стори своето. Една по друга фабриките се затвораа, работниците се напуштаа и немаше пари во касата за самопридонесот. Работите на браната мируваа. Се побара помош од Владата на чие чело беше СДСМ. Кон средината на деведесеттите години, полека, продолжи изградбата на браната. Како им се плаќаше на градежниците така и се изведуваа работите. СДСМ за да им го реши прашањето на своите општински функционери го формира ХС „Лисиче“. Ингеренциите му беа земени на „Дервен“, а стручњаците беа вработени во новото претпријатие. Кога кон крајот на минатиот век на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ „набрзина“ ХС „Лисиче“ го „даде“ на Министерството за водостопанство каде што е и денес. Покрај стручњаците беа вработени и други административни работници, се изградија посебни простории, се купија возила. Како се менуваа владите така се менуваа и првите луѓе во „Лисиче“, а изградбата на браната де ќе тргнеше, де ќе сопреше за на крај, во втората половина на 2006 да биде завршена и пуштена во употреба.

Од тогаш ХС „Лисиче“ стопанисува со браната и водата му ја продава на ЈКП „Дервен“, во чија сопственост е цевководот, со капацитет од триста литри вода во секунда, од Лисиче до Велес и фабриката за вода. И така наместо водата од браната да доаѓа до „Дервен“ па тој да стопанисува, години наназад, „Лисиче“ водата му ја продава најнапред на „Дервен“, а тој на потрошувачите. Што значи Велес за водата за пиење, има „двајца“ татковци! Или наместо работата да биде проста, а водата поевтина, таа е сложена.

Години наназад „Лисиче“ вода не продава само на „Дервен“ туку и на поголем број земјоделци чии имоти се во близина на цевководот. По која цена ја продава оваа вода и каде одат парите или пак таа вода се дели само на членови на оваа или онаа партија? Тоа малкумина го знаат. А дали тие плаќаат?

И токму затоа велешани, кои со сопствени средства ги изградија објектите, отворено негодуваат зошто да имаат две претпријатија и да плаќаат највисокиа цена. Зошто едното да ја продава водата на друго, а тоа пак на потрошувачите. Нели е поедноставно и поевтино велешани да имаат едно претпријатие? Партиите, велат велешани, нека си најдат, други места да си ги вработуваат своите партиски војници зашто и така преку глава им е партиското вработување во ЈКП „Дервен“, во кое, на нивен грб, плата земаат повеќе од 450 работници.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...