Комисијата за мандатно имунитетски прашања со пет гласа „за“ од девет члена колку што брои ова собраниско тело му предложи на Собранието да му го одземе мандатот на пратеникот Никола Груевски, бидејќи, како што смета, е недостоен да ја врши пратеничката функција.
– Пратеникот Никола Груевски е недостоен да ја извршува функцијата пратеник и затоа треба да му се одземе мандатот поради изречена пресуда – рече пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски.
Претседателот на Комисијата Павле Богоевски образложи дека позицијата пратеник е единствена државна функција иако твојата партија можеби и, не победила на избори, таа функција е уникатна и треба да се извршува достоинствено, што во случајот со пратеникот Груевски, кој е осуден на две години затвор не е случај, односно тој е недостоен да ја врши функцијата и да зема плата како пратеник.
Богоевски рече дека ќе гласа за одземање на мандатот на Груевски.
Сашо Василевски во име на новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ рече дека вчера во парламентот прв пат во Македонија се формира тело за подавање рака на помирување, за подавање рака на левицата и десницата и во контекст на тоа тој рече дека нивниот став е против одземање на мандатот на Груевски.
По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието расправа на првата наредна седница. Расправата може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот.
За да му биде одземен мандатот на Груевски на Собранието му е потребно двотретинско мнозинство. Неизвесно е дали за одземање на мандатот на поранешниот премиер ќе гласаат 80 пратеници, ако се знае дека пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за, а најголем дел од пратениците од независната пратеничка група предводена од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска се изјаснија дека нема да гласаат.
Груевски најдоцна до 8 овој месец треба да се јави на издржување на затворската казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.
Поранешниот премиер Груевски беше прогласен за виновен и осуден на двегодишна затворска казна на 23 мај. Тој заедно со првообвинетиот во „Тенк“ Ѓоко Поповски поднесоа жалба до Апелацискиот суд Скопје, кој ја одби како неоснована жалбата на Груевски, а делумно ја прифати жалбата на Поповски и му ја намали казната затвор на четири години и шест месеци.