Гледам една фотографија од трибините на фудбалското игралиште во Тетово и… Молам? Фудбалски стадион? Тоа ледината со неколку реда скалесто наредени клупи наоколу, тоа го викате стадион? Аха, добро… Вие си знаете. Јас и онака нешто друго сакам да расчистам пред себе и пред вас, ако се согласувате.
Топовско месо
Гледам на фотографијата тинејџери и по некој повозрасен, но секако многу млад човек. Гледам еден огромен транспарент што се протега речиси по целата должина на полјанчето (стадионот, де!). Пишува нешто за обединувањето, за походи и победи. Гледам исти или слични транспаренти на „другата“ страна, со малку поинакви бои, на поинаков јазик. Но, пораките се исти или слични. Гледам многу чад, пиротехника… Некој што не ги знае јазиците и контекстот ќе помисли дека тоа е еден весел настан во некоја паланка.
Но, тоа се младите, радикализирани националисти.
Младите навивачи се одлично топовско месо за радикалните структури што работат на агенди што тие деца не можат да ги разберат, а уште помалку да ги испланираат. Тие не се одговорни за ова зло што баботи по улиците и на полјанчињата на кои се тркалаат топките и паланечките спортски тимови. Премногу се млади за да разберат во што се втурнати. Премногу се млади за да понесат полна законската одговорност за своите постапки.
Одлична можност за валканите трговци со лудите идеи што му припаѓаат на некое дамнешно минато.
Поход за победа на сите
Сите заедно, тие дечиња, сосе нивните родители и наставници, мобилизирани под неретко гротескните називи како Балисти, Војводи, Комити, Шверцери, Чкембари, Рибари, Мајмуни, Фемили Аеродром, Лојал Фанс, Сити Парк Бојс, Пирати, Лозари и сите останати – треба да се соберат на едно место, па да појдат пред вратите на нивните општински управи, па пред вратите на Агенцијата за млади и спорт, па пред Влада… Да побараат подобри игралишта, повеќе пари за нивните омилени клубови за барем соблекувалните да заличат на нешто, да побараат поубави трибини, побезбедни влезови, рефлектори за вечерни натпревари, дисплеи за следење на резултатот…
Така, овој поход ќе биде победа за сите.
Во овој поход, губитници ќе бидат профитерите од омразата, поточно политичките партии и други радикални структури што се директно одговорни за инфекцијата. Спортските натпревари мобилизираат орди од разулавени, невоспитани и вулгарни дечишта. Но повод за тензиите, говорот на омразата, екстремизмот и насилствата се генерираат во кујните на оние што ги злоупотребуваат младите во корист на своите мрачни цели и банкарски сметки.
Од хулигани до успешни политичари
Владата неодамна промовира посебно тело за едно општество и интеркултурализам или како веќе е наречено. Еве им работа! Единството и респектот за различностите ги постигнавме во текот на граѓанскиот ненасилен отпор против насилничкиот и криминален режим. Ги премостивме сите разлики и станавме светски пример за ненасилен отпор и заедништво. Владиното тело нема потреба да измислува топла вода, единствено треба да ги преземе и продолжи придобивките од прогресивниот граѓански отпор. Веднаш мора да излезат на улиците и на игралиштата. Да видат и во каква грда состојба се спортските терени. Оние, 100-те што ги промовираше оној што го цитира Андриќ по Фејсбук.
Јасно е како ден дека омразата по етничка и верска линија се најефикасните и најевтините инвестиции во политичката кариера на добро познати ликови. Знаеме за високи политички позиции до кои стасаа неколку актуелни политичари и од „едната“ и од „другата“ страна. Ако ги погледнеме нивните политички кариери, ќе сфатиме дека нивната неспособност да бидат лидери во промовирање на позитивни цивилизациски вредности ја замениле со промоција на омразата и насилството.
И успеале. Од хулигани, станаа успешни политичари. Дали некогаш покажаа дека жалат за своите недела? Дали станаа лидери што ги трансформираа омразата и насилството во порака за почитување на различностите и демократски напредок? Не се сеќавам на таква изјава.
Еден од нив е и поранешен воен злосторник, сега пратеник што кликата на Груевски го пречека и ден денес го третира како национален херој. Друг беше лидер во масовна тепачка на скопско Кале.
Децата ни доаѓаат расплакани, со крвави глави, па и гинат по улиците како згазени кутриња. Им ја уништија младоста со глупост и крвави насилства. Зошто? За некој да собере крвав ќар. Хелоу! Има ли некој дома?!