Младите Македонци заразени со „дик пикс“, врие од голи фотки на Снепчет и на Инстаграм

1913

Младите сѐ почесто преку интернет си испраќаат фотографии на кои се сликани голи – трендот кој беше актуелен во Америка, дојде и кај нас.

– Во Македонија тоа многу ретко се случува на Фејсбук. За овие работи, се користи повеќе Инстаграм. Иако најмногу преферираат Снепчет, бидејќи сликата веднаш се губи, а ако се направи скриншот, веднаш тој што испратил, добива информација. Така што младите мислат дека се безбедни користејќи Снепчет – вели за Плусинфо младинскиот претставник во Управниот одбор на ХЕРА, Виктор Дамјановски.

Тој додаде дека овој тренд е сѐ попопуларен кај нас, а најмногу фотографии со свои гениталии праќале позрели лица.

– Кај тинејџерите сметам дека тоа не е толку застапено, можеби сѐ уште се срамат. Актуелно е кај лица постари од 17 години – рече Дамјановски.

Според него, младите се лековерни и мислат дека можат да му веруваат на партнерот.

– Најверојатно сметаат дека во таа врска имаат доверба, а колку е таа доверба е застапена, тоа е друго прашање. Овој тренд е актуелен и кај оние кои не се во врска. Има поединци кои започнуваат комуникација со меѓусебно испраќање голи фотографии – додаде тој.

Дамјановски вели дека нема статистика за овој тренд.

– Колку често се случува, немаме статистика. Во Америка почнуваат да се појавуваат движења кои се борат против праќањето на таканаречните „дик пикс“ по социјалните мрежи. Кај нас не сум информиран дека има нешто такво – рече Дамјановски.

Младите се плашат да пријават кога некој ќе ги препрати и злоупотреби нивните фотографиите или ќе се пофали пред друштвото. Најчесто причината за тоа е срамот и како јавноста ќе ја оцени таа нивна постапка да се фотографираат голи или во интимни ситуации.

– Сѐ уште сме жртви на тоа што другите мислат за нас. Ако луѓето дознаат дека нивното дете споделило фотографија на која е голо, којзнае што ќе речат другите. Затоа најчесто младите и семејствата не ги пријавуваат злоупотребите – појасни Дамјановски и повика сите жртви да го пријават својот случај во полиција или на страната dzlp.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...