Kакво неверојатно, ноемвриско затоплување: нашите политичари почнаа да се расправаат и нашите политички дебати почнаа да се водат за реформата на висината на данокот во државата! Ауууу, да не поверуваш дека во општествово, после којзнае колку години сечење вени на идентитетски и етно-национални судбински тралалајки, всушност останала некаква енергија за кавга, макар и млакичка, за почеток, како оваа, околу тоа кој какви даноци треба да плаќа…
Работите си се поредија и според нормален, идеолошки ред: опозицијата, која се издава за десно-конзервативна политичка сила, си го брани рамниот данок со кој богатите, пропорционално, плаќаат помалку; а социјалдемократите, кои се доживуваат за лево од центарот, предлагаат прогресивен данок, со кој побогатите, фактички, ќе плаќаат многу повеќе од посиромашните. Убавини.
Сите комори на работодавачите веднаш застанаа со поза на загриженост, резерви и контрирање кон левичарската даночна реформа; сите работнички синдикати, пак, останаа без текст, бидејќи во Македонија нема синдикати.
Некои аналитичари тврдат дека Владата ја започна дебатата за даночната реформа токму како пропагандна субверзија, за да ја потисне во јавноста темата на уставните промени. Владата, пак, тврди дека државата нема време за чекање да се исцеди и последната капка крв само околу бесконечните идентитетски теми и дека останатите реформи не можат веќе да бидат жртва на бескрајните расправи за името, името, името… Оти, како што е познато, реформските капацитети на власта се големи и универзални, само се малку моментно фрустрирани што не можат да дојдат до полн израз заради енергетската апсорпција на големите национални теми за помирувања, преименувања и простувања.
Проблемот е што даноците и нивните реформи никогаш не биле тема за освојување значителни политички поени, односно изборни гласови во Македонија. Дури и големиот даночен реформатор Груевски – кој со своите рекламни промоции на „ДДВ пица-буџетот“, тврди другар ми Мирко, за првпат ја вкуси моќта на пропагандата во политиката, што многу подоцна скапо ќе ни се удри колективно од глава – мораше да го извади мечот на Александар за да се размавта со него по идентитетските прашања на, во главата, конфузните Македонци, за да ја распали нивната фантазија за измисленото славно минато. На тој меч Груевски, на крајот, и смртно политички се набоде.
Затоа и не е сосема јасно на што, точно, се надева Заев со оваа даночна реформа?
Приходот во буџетот ќе биде релативно безначаен – некакви 20-30 милиони евра годишно – кои ќе ги извади од џебот на поимотните, за (наводно) да им ги раздели на посиромашните. Но, за тие ситни пари ќе се конфронтира со моќен слој во општеството кој и така по малку се нервира со неговата провинциска амбиција да се запише со крупни букви во македонската историја… Па, барем да беше од славниот Штип (и штипско Ново Село), а не од Струмица – пардон, Струмичко!
Од друга страна, на популистичката опозициска десница, чијшто лидер понизно клечи по митинзи пред „народот“, ќе ѝ биде тешко да им објасни на своите симпатизери зошто повеќе пари за сиромашните е лошо за Македонија? Во телевизиските експертско-професорски даночни дебати конзервативните политички застапници ќе влезат без нормалната опозициска предност за расипничката и неодговорна комуњарска власт… Левичариве од власта веќе почнаа со наративот за шивачките на кои зголемувањето на данокот за богатите ќе им донесе барем послатко кафе на паузите, што е тешко да се опонира од позиција на газдата на шивалната.
Заев вели: „Ова беше наше предизборно ветување, мораме да го спроведеме!“… Прво ветување беше она, за грижа за средната класа, која сега ќе треба да го финансира новиот распоред на приоритетите на власта.
Впечаток е дека тешко ќе оди даночнава реформа, бидејќи не може да се види некој особен ентузијазам кај власта со кој се најавува или се има намера таа да се спроведе. Навистина, за промена, убаво е да се порасправаме за народните пари, наместо за душевните народни болки.
Но, власта треба допрва да докаже дека со таквата реформа ќе може и душата да ни заврши во рајот и парите да ни останат во џебот. Или тоа беше нешто во врска со газот?
Извор: Цивил медиа