Разговор на Јанкулоска и Ставревски во кој го оговараат Груевски се раскажувал како анегдота, па Лазаревски го контактирал Костовски

4800

Откако кон крајот на 2008 ги копирал логовите од стариот систем за следење на комуникациите, Ѓорѓи Лазаревски, како што сведочеше во судот, ги обработил. Како што претходно објавивме тој податоците ги копирал од стариот систем за прислушување кој бил сместен во иста просторија со системот за гранично управување на кој работел Лазаревски.

Единствена информација која можел да ја добие од обработката, како што појасни, е тоа кој телефонскиот број се прислушува, кој е операторот (лицето кое се логира во системот) и времето кога е пристапено кон тој број односно таргет.

– Врз основа на тоа дојдов до интересни заклучоци. Конкретно дека котисничките имиња на операторите се поклопуваат со иницијали на луѓето кои работат во УБК како репродуценти. Интересно беше тоа што операторот Г.Г. и Н.Н. и операторот „директор“ комплетно беа концентрирани кон таргети кои сметав дека се нелегални а сите останати оператори заклучив дека постапуваат само до таргети кои се легални. Заклучокот беше дека во нелегалните таргети има броеви на многу јавни личности, политичари од опозицијата и зачудувачки запомнив дека има еден министер. Тоа беше господинот Миле Јанакиески. За него сфатив дека е тој прислушуван дури подоцна кога тоа беше јавно објавено при предавањето на документите од СДСМ до СЈО. Таргетот кој се водеше под псевдоним ТУИН е всушност бројот на Миле Јанакиески. Почнав да размислувам што да правам, сите со кои се советував никој не беше изненаден дека е толкав обем на личности кои се во системот за прислушување, а објективно нема причина да бидат под таква обработка. Со тоа сознание живеев две години без да преземам ништо бидејќи знаев дека не можам тоа да го докажам дури и да излезам во јавноста – раскажуваше Лазаревски.

За операторите кои ги спомена, сведокот рече дека тоа го упатувало дека директорот Сашо Мијалков, а тие со иницијали се Горан Грујевски и Надица Николиќ.
Лазаревски кажа дека живеел со тоа сознание се додека не почнал да работи со Зоран Верушевски на кого му ги дал податоците.

Следниот настан кој го предизвикал да реагира рече дека бил кога во случаен разговор со колега на сведокот му бил кажано за снимен разговор кој се раскажувал како анегдота.

– Како анегдота раскажа дека е сниман разговор на министрите Гордана Јанкулоска и Зоран Ставревски во кој по дискусија за реновирање на некаков објект во Битола министерот Ставревски бил изнервиран од однесувањето на тогашниот премиер Никола Груевски и дека се рекло оти човекот е право за Демир Хисар што алудира на лудило. Тогаш му пристапив на Звонко Костовски и отворено го прашав дали е вистина дека се прислушуваат актуелни министри. Реакцијата на Звонко беше дека нема кој не се прислушува – рече Лазаревски.

Тогаш веќе функционирал новиот систем за следење на комуникациите.
Лазаревски рече дека со Звонко Костовски, разговаравле и за моралната дилема и за еден друг период кога исто така имаше злоупотреба на системите во Управата за оперативна техника.

– Тука мислам на аферата „Големо уво“. Јас го чувствував тоа како дамка на мојата совест и тогаш не можев ништо да направам. Односно можеби можев ама немав храброст – зборуваше сведокот кој потоа рече дека Костовски се согласил да чува нешто од материјалите.

Лазаревски во судница раскажуваше и дека со лицата кои ја имале улогата на маркирачи во новиот систем за следење, Марјан Јанкуловски и Влатко Георгиевски, делел канцеларија. Кажа дека често ги гледал како доаѓаат со ливче, се логираат во системот и работат нешто. Посочи дека ливчињата биле всушност оние познати како маркети во различни бои.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...