Бизнисмените се незадоволни што Mинистерството за финансии без да им остави простор за отворена дискусија се обиде да го протне прогресивното оданочување. Тие денеска на вонредна седница на Управниот одбор на Стопанската комора на министерот за финасии Драган Тевдовски и неговиот тим им ги презентираа согледувањата за прогресивното оданочување и како тоа ќе се одрази на нивната работа.
Пред почетокот на седницата претседателот на Стопанската комора Бранко Азески рече дека од денешната седница ќе произлезе и ставот на Комората за ова прашање, но беше сигурен дека новиот начин на пресметка на персоналецот ќе ги зголеми трошоците на фирмите и ќе влијае на нивната конкурентност. За пример презентира само една анализа направена во фирма.
– Пресметките на фирмата се дека нејзините трошоци за платите ќе се зголемат за 35 отсто, додека пак другите трошоци би значеле зголемување од 50 отсто – рече Азески, но при тоа не појасни за која фирма станува збор и колкави плати имаат вработените во таа фирма.
Претседателот на Комората, како што изјави, очекува став и од 154 фирми кои се на странски инвеститори.
Азески сепак напомена дека како бизнис заедница ќе се обидат да најдат зедничко решение како што тоа го направија и при инсистирањето на извозот и индустријата да им се даде заслужено место во економските планови на Владата и консензусот што е постигнат во однос на монетарната политика.
– Бизнисот не е против подигање на стандардот на вработените, туку бара да се донесе рамноправно решение. Да се согледаат нашите анализи и дискусии – рече Азески.
Министерот Тевдовски е сигурен дека оваа реформа во однос на повисоката стапка на данокот на пресонален доход ќе помине успешно, но не кажа дали ќе даде оставка, ако тоа не се случи.
Неговиот став е дека прогресивното оданочување само ќе даде поволни ефекти, оти, како што рече, парите ќе бидат насочени за воведување минимален гарантиран приход, а остатокот за подобрување на здравството, образованието и другите јавни услуги. Посебно го издвои образованието од кое и бизнис заедницата очекува подобри реформи и резултати, односно соодветно образован кадар.
– Мораме да го подигнеме нивот на јавното образование кое доби лоши оценки за кавалитетот од меѓународните институции. Уште повеќе што ова образование го посетуваат најголемиот број од децата.Успешните луѓе не ја напуштаат земјава поради даноците туку затоа што не се задоволни од квалитетот на образованието – рече Тевдовски.