АД МЕПСО потпиша девет договори за инвестиции во преносната мрежа вредни 18 милиони евра што ќе се финасираат со заемот во износ од 23 милиони евра што е земен од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во 2013 година.
– Со денешното потпишување на договорите МЕПСО ќе изгради над 100 километри нова далекуводна мрежа на 110 киловолтно напонско ниво, четири нови далекуводи на постоечките траси, ќе се модернизираат четири трансформаторски станици со примарна и делумно со секундарна опрема и ќе се инсталира нова опрема за релејна заштита на четири трансформаторски станици на четири хидроцентрали. Со тоа ќе се замени дотраената стара преносна мрежа со нова, а крајниот бенефит ќе го почуствуваат компаниите, граѓаните и идните генерации преку навремено, брзо, квалитетно и сигурно снабдување со електрична енергија – рече премиерот Зоран Заев по потпишувањето на договорите во Владата.
На тој начин, како што кажа, граѓаните и компаниите во земјава ќе добијат сигурност, стабилност и квалитет во снабдувањето со електрична енергија на долг рок, а ќе се отвори и можност за намалување на трошоците на работење на АД МЕПСО.
– Со тоа ќе се создадат услови за намалување на крајната цена што ја плаќаат граѓаните и компаниите бидејќи се очекува да се намали преносната такса што ја добива АД МЕПСО. Имплементацијата на новиот Закон за енергетика дава резултати. Македонија ги спроведува реформите во енергетскиот сектор со поголем процент од оној на Енергетската заедница (ЕЗ) – рече Заев и додаде дека просекот на ЕЗ е 43 отсто, а на Македонија 50 отсто.
Директорот на МЕПСО Сашо Василевски посочи дека кога го презел раководењето со компанијата затекнал состојба со блокирани активности и пробиени рокови.
-Сега состојбата е драстично променета. Реализиравме повеќе од 90 отсто од планираните проекти. Сите можеме да бидеме горди на тоа што ќе замениме далекуводи што биле во функција повеќе од 50 години, а најстариот меѓу нив е изграден пред 65 години. Со овој процес на изградба на нови далекуводи во целост во мрежата ќе ги замениме високо ризичните бетонските столбови, со нови челично-решеткасти. Новите далекуводи и новата опрема во трафостаниците ќе значат намалување на ризикот за преносната мрежа безмалку на нула. Од друга страна новата опрема значи дека драстично ќе ги намалиме и трошоците за одржување на овие објекти во преносната мрежа. Новата опрема е високо доверлива, а речиси и да нема трошок за нејзиното одржување – рече Василевски.
Тој најави дека до крајот на годинава ќе биде распишан тендер за изградба на нов 400 киловолтен далекувод и нова 400 на 110 киловолтна трафостаница во околината на Охрид за електроенергетско поврзување на преносните системи на Република Македонија и на Република Албанија.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев нагласи дека МЕПСО е крвотокот на електроенергетиката во земјава и оти квалитетниот преносен систем значи квалитетно и сигурно снабдување со електрична енергија на сите клиенти.
– Тоа е едниствениот услов што треба да биде запазен за да имаме одржливост на енергетскиот систем во иднина. Со денешните договори практично се обезбедува таква стабилност на подолг рок. Ќе бидат обновени далекуводите што се градени пред 50-60 години, а трафостаниците, кои се срцето преку кои се пренесува електричната енергија, ќе бидат целосно обновени со нова опрема што ќе обезбеди сигурност за снабдување со електрична енергија на сите граѓани и компании во земјава – рече Анѓушев.
Тој нагласи дека договорите се потпишуваат врз база на финансирање од заем од ЕБОР што е земен во 2013 година.
– Тоа се 23 милиони евра од кои многу мал дел досега се реализирани. Државата ги земала кредитите во 2013 година во меѓувреме плаќала интеркаларни камати, а проектите не се спроведувале. Новото раководство на МЕПСО ги претендерираше сите проекти кои беа заглавени и доаѓаме до нивна реализација – рече Анѓушев и најави дека до крајот на годинава ќе бидат распишани јавни постапки со премиум тарифи за нови фотоволтаични и ветерни електрани.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески оцени дека инвестициите во електропреносниот сиситем во земјава се од клучно значење за севкупниот стопански развој на државата.
– Покрај инвестициите што ги реализира МЕПСО за унапредување на преносниот систем, наш најголем предизвик како акционер во иднина е усогласувањето на сите деловни операции на МЕПСО во насока на имплементација на европската регулатива. Тоа подразбира воведување на понатамошните фази на либерализација на пазарот со воведување на пазарниот сегмент „тргување ден однапред“ и „тргување во тек на денот“. Следната фаза во либерализацијата е создавње услови за имплементација на „регионален пазар на балансна енергија“ со цел успешно да ги исполниме условите за интеграција во Пан-европскиот единствен пазар на електрична енергија – рече Сугарески.
Фото: МИА