Ова се дел од резултатите од септемвриската анкета за јавното мислење за полицијата од страна на агенцијата Ипсос, со 1028 граѓани, а во рамки на проектот „Пулсот за полициски интегритет и доверба на Западен Балкан“.
Лембовска: Важно е реформата во полицијата да почне одвнатре
Во однос на перцепциите за корупција, Магдалена Лембовска, истражувач за безбедносни прашања во Аналитика тинк-тенк Скопје, нагласи дека постои исклучително висока перцепција дека постои широко распространета корупција во сите институции. Перцепцијата за постоење корупција во полицијата, информира, е околу 65 проценти од анкетираните, кои сметаат дека е распространета до највисоко ниво. Ако се анализираат резултатите за одделните делови на полицијата, сообраќајната полиција се смета за најкорумпирана, по што се најблиските соработници на министерот и граничната полиција. Најголемиот проблем, според перцепцијата на граѓаните, посочи, е политизацијата. Лембовска потенцира дека е висок процентот на граѓани кои сметаат дека политиката игра важна улога во функционирањето на полицијата и тоа од практиките за вработувањето, но и за директно влијание врз оперативната работа на полицијата. Според неа, граѓаните очекуваат во наредните пет години борбата против корупцијата во полицијата да биде подобра отколку сега.
Согласно анкетата, перцепцијата за високо ниво на корупција е највисока за судството со 68 проценти од испитаниците, по што се здравството, царината, обвинителството…
– Многу е важно реформата во полицијата да почне одвнатре. Да не се работи само на козметички и законски измени, но да се види и што се случувало низ годините во рамки на полицијата и дали можеби треба да има одредени преструктуирања и во однос на организациски единици и во однос на раководни лица – изјави Лембовска, истражувач за безбедносни прашања во Аналитика тинк-тенк Скопје.
Таа доддаде, дека, согласно резултатите на истражувањето, граѓаните претпочитаат порепресивни мерки за борба против корупцијата, како што се спроведување строги казни и повеќе казни за корумпирани инспектори во полицијата
На прашањето колку се чувствуваат безбедни, околу 37 проценти од граѓаните одговориле дека се чуствуваат безбедно, а останатите се поделени меѓу оние кои не се чувствуваат безбедно и оние кои не се чувствуваат ниту безбедно, ниту небезбедно.
– Еден од поразителните резултати е тоа што граѓаните не веруваат дека можат да се потпрат на некого кога станува збор за осигурување на нивната и на безбедноста на нивното семејство. Една четвртина рекле дека не веруваат никому, а околу 40 проценти се изјасниле дека првенствено се потпираат на самите себе. Следна е полицијата со околу 16 проценти, a кои рекле дека прво веруваат на полицијата за нивната безбедност – оцени Лембовска.
Резултатите од анкетата покажуваат дека граѓаните се поделени и во перцепцијата за полицијата во однос на нејзината работа. Само една четвртина смета дека полицијата работи како сервис на граѓаните, додека останатите полицијата ја гледаат како средство за заштита на интересите на разни групи – Владата, политичките партии или луѓето во највисокиот ранг на полицијата.
Стојановски: Ако не го познавате јавниот обвинител, не може да допрете до него
За Трпе Стојановски, професор на Факултетот за безбедност, очекувањата се од државните институции, од полицијата, да се вратат кон задачите што ги имаат и, во таа смисла, рече, го поздравуваме концептот што го враќа МВР за улогата на полицијата во локалната заедница – полицаецот како пријател на граѓаните. Toj истакна дека невладиниот сектор треба поактивно да реагира на сите дисфункционалности кои постојат во системот.
– Полицијата и нејзиниот тренинг и едукација се многу важни, но живееме во време кога тоа не е доволно. И самите државни институции- Секторот за внатрешна контрола може да оправдува некои нелогични, неетички, дури и незаконски постапувања на полициските службеници. Тоа дополнително ги вознемирува граѓаните. Во таа смисла многу очекуваме од надворешната контрола, но таа сама по себе, иако поминаа законите за обивнителство, со што обвинителство ќе имаме посебна организациона единица која ќе се занимава со пречекорување и злоупотреби направени од полициски служебеници, очекуваме да биде чекор напред – изјави Стојановски.
Според него, постоечкото Јавно обвинителство не може да одговори на потребите кои ги имаат граѓаните.
– Ако сакате да воспоставите контакт со јавниот обвинител денес во Скопје, ако не го познавате не може да допрете до него. Тоа се бариери кои драматично брзо мора да се надминат за првите стандарди да се воспостават и полицијата да биде сервис на граѓаните – рече професорот Стојановски.