Плаќаат за вакцини, зашто не сакаат да чекаат бесплатни на „Мој термин“

542
EPA/SEBASTIEN NOGIER

Апсурд се случува на почетокот на вакцинацијата против грип – иако државата набави 28.000 дози бесплатни вакцини против грип за пензионерите со помали примања, на првиот ден се случува граѓаните да плаќаат приватно по 650 денари за вакцина, иако бесплатно им следуваат! Во Велес се веќе потрошени вакцините што мора да се  платат, а тие годинава се и поскапи за 250 денари.

Од вчера напладне до денеска до 12 часот во Центарот за јавно здравје – Скопје се потрошени само 230 бесплатни вакцини, а дури 1300 со плаќање. Од рано наутро денеска има редици пред неколкуте амбуланти каде се вакцинира против грип.

– Долу во амбулантите е „лудница“ – полесно им е да платат, отколку да закажат за бесплатна вакцина на „Мој термин“?! Ние очекувавме дека токму во системот „Мој термин“ ќе биде фрката, ама ништо од тоа, барем засега… Граѓаните прашуваат што треба да направиме и кога ќе слушнат дека прво на матичен лекар треба да закажат за бесплатна вакцина, ни одговараат „А не не можам“, па и на оние на кои им следуваат бесплатно, има доста граѓани кои плаќаат. Ако продолжи вака, преостанатите 2.700 вакцини кои се плаќаат ќе ги потрошиме за два – три дена – вели д-р Биљана Даниловска, раководителка на одделението за епидемиологија во Центарот за јавно здравје.

Матичните лекари велат дека слободни термини за имунизација има колку сакаш.

– Првите термини за вакцини се од утре на секои 10-15 минути и има слободни до 18 часот, но никој се уште не побарал да му закажеме! Граѓаните кои сабајлево дојдоа на преглед одбиваат да закажат бесплатна вакцина, иако им следува. Една повозрасна пациентка ни кажа „Какво вакцинирање, па таа штити од 5 вида грип, а ги има 15! Поарно ќе си јадам лукче како превентива“. Ние им кажуваме дека може бесплатно да ја примат вакцината, ама засега нема голем интерес кај граѓаните, ќе видиме како ќе биде понатаму – вели медицинска сестра од ординација во скопската населба Мичурин.

Лекарите нагласуваат дека иако е почеток на ноември, има доволно време за оние кои ќе ја примат вакцината да создадат имунитет.

Фото: ЕПА/ SEBASTIEN NOGIER

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...