Обвинителството ги следи наводите дали Мицкоски се офајдил со 33.000 квадрати за хидроцентрала

822

Основното јавно обвинителство Скопје интензивно ги следи сите информации и наводи за наводна вмешаност на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во аферата со компанијата „Енерготек“, за која социјалдемократите тврдат дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се офајдил со 33.000 квадратни метри земјиште за хидроцентрала, додека бил советник на поранешниот премиер Никола Груевски.

Според СДСМ, сомневањата, за овој како што велат организиран криминал, се основани и поткрепени со документација.

– Ги следиме сите информации во јавноста и доколку се утврди дека постојат  елементи на сторено кривично дело, Обвинителството ќе постапува и ќе отвори предмет по допрен глас, a за тоа јавноста дополнително ќе биде информирана – велат од Основното јавно обвинителство за Плусинфо и потсетуваат дека според Законот за кривична постапка, евентуалните сознанија или  документација за сторен криминал , може да се достават на увид на ОЈО, како самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела.

Според членовите 273 и 274 од Законот за кривична постапка, секој граѓанин писмено, усно (телефонски) или по електронски пат може да пријави кривично дело кое се гони по службена должност, а за кое бил известен или за тоа дознал на друг начин.

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, вчера го повика Јавното обвинителство по допрен глас да ги провери сомневањата за организиран криминал и судир на интереси во случајот со доделување на земјиштето преку фирмата „Енерготек ДОО Скопје“ во која, според партијата на власт, Мицкоски има удел.

Костадинов, објави дека заедно со компанијата „Минка ДА“ бил основан конзорциумот „Минка-Енерготек“, кој е избран за најповолен понудувач, а подоцна го добил и земјиштето.

– Уделот на фирмата „Енерготек ДОО Скопје“ во конзорциумот денеска изнесува 99 отсто. Ова е класичен судир на интереси – тврди Костадинов.

Тој објави дека „сомнежите дека има организиран криминал“ се поткрепени и со тоа што еден од сопствениците на „Енерготек ДОО Скопје“ е и Димитар Димовски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...